Култура
Институтот за етнологија и антропологија промовираше три нови изданија
Tри нови изданија „Етнографски материјали од проф. Ѓорги Здравев“ во уредништво на проф. Инес Црвенковска Ристеска, „Долно Дупени: етнолошки белешки од животот и обичаите на една населба во Долна Преспа“ од Бранислав Русиќ, во транскрипција и превод од српски на проф. Љупчо Ристески и најновиот број 25 од списанието ЕтноАнтропоЗум беа промовирани денеска во Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет.
Проф. Ѓорги Здравев е еден од најголемите познавачи на македонската народна носија, уметник и костимограф, некогашен професор на Институтот за етнологија и антропологија. Во втората половина на 20-тиот век, тој спаѓа меѓу ретките истражувачи и теоретичари на етнографските и естетските карактеристики на македонската народна носија и целокупното текстилно народно творештво. Овие белешки од неговите бројни теренски истражувања низ Македонија ни даваат увид во начинот на неговата работа, но и податоци за социо-културниот контекст од што може да се увиди општествената функција на облекувањето.
Славица Христова од Музејот на Град Скопје говорејќи за „Етнографски материјали од проф. Ѓорги Здравев“, истакна дека неговите истражувања биле спроведувани во периодот од 1965 до 1987 година, работејќи на терен во различни делови на Македонија.
Христова нагласи дека носијата веќе не се произведува, не постои, ја има во музеите, на терен мошне малку, во некој заборавен ковчег или закачена во некој стан или пак специјално направени рамки за иселениците.
-Таа била продукт на домашното производство на целата организација на животот во селската средина. Сите продукти се произведувале дома, во семејството, најчесто од жената, рече Христова.
Нагласи дека целиот процес течеч во домнашни услови од чување овци за волна, до садењето памук, коноп, одлегување свилена буба. Жената, додаде таа, била таа која ткаела, предела, кроела, и сите материјали што ги користела за боење и украсување ги користела од природата околу неа, она што во околината го имала како ресурс.
Христова додава дека носијата почнала да се напушта во 50-те или 60-те години од минатиот век и повеќето информации се собирани до тој период.
-Вредноста на сето ова што го направил професорот Ѓорѓи Здравев особено во однос на народната носија, не можеме да го надополниме и да сакаме и сето ова е мошне важно за нашиот идентитет воопшто, за идентитетот на македонскиот народ, бидејќи ова е една од суштинските работи за македонскиот идентитет, таа материјална култура, која се развивала во куклтурен контекст, кој се менувал со текот на времето и политичките прилики, истакна Христова.
На настанот беше промовирано и изданието „Долно Дупени: етнолошки белешки од животот и обичаите на една населба во Долна Преспа“ од Бранислав Русиќ, во транскрипција и превод од српски на проф. Љупчо Ристески.
Бранислав Русиќ ги вршел своите теренски истражувања во Преспа во периодот по Втората светска војна, време кога селското и земјоделското население забрзано почнало да бележи опаѓање, а миграцијата село-град да се засилува. Оттаму, неговите истражувања денес претставуваат мошне вреден историски извор за проучување на локалната историја, на секојдневниот живот, миграциите, промените во етничката и демографската структура и сл.
Промоторот на делото проф. д-р Јанис Манос од Универзитетот „Македонија“ во Солун рече дека дека ова е етнолошка студија, заснована врз теренско истражување спроведено во 1934 година, преставува значаен придонес кон етнографската документација на Преспанскиот регион.
-Книгата ја прочитав како антрополог, кој работи на граничните предели во Југоисточна Европа. Мојот фокус не беа само границите како политички или административни линии, туку регионите како живи историски предели, во кои се испреплетуваат различните историски и политички прилики. Јас сум роден и пораснат во градот Флорина или Лерин и мојата запознаеност со македонско-грчката граница е заснована на живото искуство, рече Манос.
Тој посочи дека книгата го документира животот, опшствената и социјална органзација, како и материјалните и историските спомени за Долно Дупени со детален приказ на локалниот и социјален свет во период на една трансформацијата со распаѓањето на Отоманската империја, Балканските војни и консолидацијата на новиот државен поредок во регионот.
Манос истакна дека книгата дава голем придонес за разбирањето на историјата на регионот, како и животот во македонска Преспа во раните години на 20. век.
декември 20, 2025


