Култура
Шеснаесет години книжевен дијалог и културно поврзување
– Литературата отсекогаш претставувала еден од најсилните мостови меѓу народите, културите и јазиците. Во време на брзи општествени промени и нови предизвици, токму книжевноста останува трајна вредност што ги надминува границите и времето, создавајќи простор за разбирање, духовна блискост и културна размена – се вели во соопштението од Македонскиот културно информативе центар во Софија, што МИА го објавува интегрално.
Шеснаесеттата македонска книжевна визита во Софија беше свечено отворена од директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање ја истакна важноста на литературата како траен мост на културна комуникација и меѓусебно разбирање меѓу Македонија и Бугарија.
Во тој дух, Шеснаесеттата македонска книжевна визита во Софија уште еднаш ја потврди својата улога како значајна платформа за книжевен дијалог меѓу Македонија и Бугарија. Оваа манифестација веќе шеснаесет години успешно ги поврзува писателите, поетите, преведувачите, книжевните критичари, издавачите и љубителите на литературата од двете земји, создавајќи можности за размена на идеи, искуства и творечки инспирации.
Особено значење има фактот што оваа книжевна средба традиционално се одржува во Македонскиот културно-информативен центар во Софија – институција чија мисија е да биде место на средба, соработка и културна комуникација. Низ годините Македонскиот културно информативен – центар се етаблира како жив простор во кој се претставуваат вредностите на македонската култура, се градат нови партнерства и се создаваат пријателства што ги надминуваат институционалните рамки.
Македонската книжевна визита прерасна во препознатлив симбол на културното поврзување меѓу двете соседни земји. Нејзината вредност не се мери само преку континуитетот што го одржува, туку и преку довербата што ја гради меѓу книжевните заедници, преку новите хоризонти што ги отвора и преку придонесот за подобро меѓусебно запознавање на македонската и бугарската литература.
Значајна улога во овој процес има и долгогодишната соработка со издавачката куќа „Макавеј“, благодарение на која бројни дела од современата македонска книжевност се преведени и објавени на бугарски јазик. Со тоа македонските автори добиваат поширока читателска публика, а бугарските читатели можност непосредно да се запознаат со современите текови во македонската литература.
Годинашното издание на визитата донесе нови книжевни средби и творечки размени преку заеднички читања на македонска и бугарска поезија, книжевни разговори и претставувања на автори. Особено внимание привлече книжевниот портрет на истакнатиот македонски поет Јовица Ивановски, потврдувајќи ја важноста на ваквите настани за афирмација на современото книжевно творештво.
Шеснаесеттата македонска книжевна визита уште еднаш покажа дека литературата останува најблагородниот простор на комуникација меѓу луѓето. Таа продолжува да обединува, да инспирира и да создава услови за вистински дијалог, почитување и пријателство. Токму затоа ваквите средби претставуваат не само празник на книжевноста, туку и значаен придонес кон развојот на културните односи и меѓусебното разбирање меѓу Македонија и Бугарија.
јуни 14, 2026


