Connect with us

Интервјуа

Д-р Мишо Митковски од Макс Планк институтот: Мислиме дека многу знаеме, а знаеме малку – дури и кога е во прашање една клетка

Мишо Митковски е научник кој дел од своето основно образование го стекнал во Македонија, а својата понатамошна научна и професионална кариера ја развивал во Соединетите Американски Држави и Германија. Денес раководи со современ оддел за светлосна микроскопија при Max Planck Institute for Multidisciplinary Sciences во Гетинген, Германија.

Неговата работа ги поврзува биологијата, современата микроскопија, компјутерската анализа и вештачката интелигенција, со цел подобро разбирање на сложени биолошки процеси преку напредни методи на снимање и анализа на слики. Активно е вклучен и во обука на истражувачи и во развој на нови методи и технологии во биоимиџингот (снимање и анализа на биолошки структури и процеси).

И покрај долгогодишната работа во странство, одржува блиски врски со Македонија и учествува во иницијативи поврзани со науката, образованието и научното издаваштво, меѓу кои и платформата ИЗВОР (izvor.net.mk).

ИЗВОР е сеопфатна, мултидисциплинарна ризница на македонски научни списанија со отворен пристап од сите научни дисциплини. Нејзината цел е да ја зголеми видливоста и пронајдливоста на националните научноистражувачки резултати на регионално и меѓународно ниво. Истовремено, таа ги промовира принципите на отворената наука и придонесува кон унапредување на квалитетот и интегритетот на научното издаваштво во Македонија.

Без сомнение, ИЗВОР е нов и многу важен сегмент во македонскиот научен, образовен и културен простор. Главниот придонес на д-р Мишо Митковски е трудот вложен во создавањето и развојот на платформата, а тој учествува и во нејзиното финансирање.

Од каде ви е мотивацијата да создадете еден сајт како ИЗВОР?

-Како прво, се работи за желба од моја страна да се вклучам на некој начин во македонската наука, тоа пред сѐ. Второ, имаме многу, многу талентирани Македонци, кои имаат што да кажат и од кои може многу да се научи и ова е еден од начините тие да станат повидливи.

Притоа, многу важни се соработката и помошта на професорот Мирко Спироски, кој е активен во Македонското здружение за научна комуникација. Првичната идеја за ваква платформа потекнува од него. Со него имавме бројни стратешки дискусии во кои ја разработувавме концепцијата на ИЗВОР.

Самата платформа ја создадов самостојно, а во внесувањето на информациите за списанијата придонесуваме и двајцата. Проектот ИЗВОР се реализира во соработка со здружението. Идејата ни е на едно место да се обединат сите македонски научни списанија со отворен пристап и да бидат достапни во целиот свет. Постојат научни списанија за чија содржина се плаќа пристап, а тој понекогаш е прилично скап и не секој може да си го дозволи. Овде се работи за списанија со отворен пристап, чии содржини се бесплатно достапни за читателите.

Замислете некој студент, професор или некоја организација што вложува огромен труд во создавањето на еден научен труд. Истражувањата и експериментите можат да траат со години и бараат значителни финансиски средства, ресурси и човечки труд. А на крајот, резултатите не стигнуваат до пошироката јавност. Преку ИЗВОР, тој вложен труд и неговите резултати стануваат повидливи и полесно достапни.

Ние сакаме сето тоа да биде достапно не само за случаен посетител на некоја интернет-страница, туку и во интернационални бази. Со други зборови, да се подигне видливоста и да се препознае трудот, првичниот труд што бил вложен.

Какви трудови можат да се најдат преку ИЗВОР?

-Не се работи за каков било труд, туку за труд што поминал рецензија. На пример, пред еден труд да се објави во списание, го оценуваат рецензенти. Па зошто тој труд да не биде познат на целиот свет? Имаме што да покажеме, и зошто тие трудови да не бидат видливи и достапни за читатели од целиот свет?

Или, на пример, некој млад човек во Македонија, студент, се интересира за некоја тема и сака да дознае кои се тие професори и кои се тие групи што можеби токму таа тема ја истражуваат. Тоа може да го пребара преку ИЗВОР, а најдобро би било ако го најде списанието или поединечни трудови, автори… Така може да дознае кој во Македонија работи на таа тема, па и да стапи во контакт со тие луѓе. Идејата навистина е да се поттикнат и поединечните автори, почнувајќи од самите списанија.

Да, некои списанија, за жал, не се активни, некои се активни, но важно е сето тоа да биде собрано на едно место. ИЗВОР самостојно, секој ден, собира информации од македонските научни списанија и ги организира на едно место, каде што читатели од целиот свет можат лесно да ги пребаруваат и пронаоѓаат. Но не застануваме само на тоа.

На постарите списанија им помагаме со техничката поддршка што им е потребна за повторно да се активираат. А ако некој сака да основа ново електронско научно списание, можеме да помогнеме и околу неговото техничко поставување.

Раководите со оддел за светлосна микроскопија. Што значи тоа?

-Една од главните мои работи е со помош на микроскопијата да го опишам тоа што се случува во природата и да ги споделам тие сознанија со светот. Јас го основав одделот за светлосна микроскопија во 2008 година, во тогашниот Max Planck Institute for Experimental Medicine. Во тоа време, ваквите оддели не беа толку распространети како денес. Тоа беше ризичен чекор, но верував дека светлосната микроскопија ќе остане важен начин за проучување на природата. Затоа решив да го основам одделот.

Во 2022 година, тој институт се спои со Max Planck Institute for Biophysical Chemistry и така настана денешниот Max Planck Institute for Multidisciplinary Sciences. Од 2008 година досега имам воспоставено 15 системи. Се работи за микроскопи, проточен цитометар и информатичка инфраструктура за управување со податоците, нивна визуализација, обработка и толкување. Зад оваа инфраструктура стои инвестиција што се мери во милиони евра. Имам воведено и многу различни техники, а во анализа на слики имам обучено повеќе од илјада студенти.

И дизајнирам експерименти со кои одредени биолошки хипотези можат да се проверат: дали е така, дали не е така. Клучното е да се најде наједноставниот експеримент што ќе даде најмногу информации и што може да се повтори. Всушност, на англиски би се рекло scientific method: кога ја набљудуваме природата, менуваме нешто, пак набљудуваме и се обидуваме да го измериме одговорот на промената што сме ја вовеле. Мерењето кај мене е микроскопија.

Голем дел од мојата работа е да обучувам други луѓе како да ги користат микроскопите. Секој микроскоп нуди многу различни методи што можат да се изведуваат со него. Пред да почнеме, го дизајнираме експериментот, како ќе се снимаат сликите, како ќе ги анализираме и така натаму.

Учествувам во разни групи во Институтот, како и на национално и меѓународно ниво, каде што развиваме методи за стандардизација на микроскопијата. Стандардизацијата е голем и важен дел од тоа што го правам. Го користиме знаењето од книгите, не може без тоа, но се обидуваме да дознаеме што повеќе за природата, за биологијата и создаваме многу нови знаења.

Сето тоа што го правиме сѐ уште не е напишано. И се обидуваме да го разбереме на таков начин што и некој друг ќе може да го повтори, така што на крајот од денот тоа да биде запишано во книгите.

Можеме ли да ја истражуваме природата без да ја нарушиме истата со технологијата?

-Благодарам за ова прашање, многу е важно. Кај микроскопијата, светлината што ја користиме може да влијае врз клетките и да го промени нивното однесување. Затоа правиме контролни експерименти, на пример со помал интензитет на светлината, за да провериме дали самото набљудување влијае врз она што го мериме.

Најголемиот дел од работата е да се дизајнира експериментот и да се разбере како функционира биологијата во нормални услови. Тоа трае најдолго, може и години. Експериментот го дизајнираме така што ќе можеме да набљудуваме без самото набљудување да влијае врз она што го проучуваме. Кога сме навистина сигурни во тоа, тогаш започнува вистинскиот експеримент.

Сето тоа што му претходи е подготовка за вистинскиот експеримент. Но и таа подготовка е многу важна, а сознанијата од неа треба да се објават. Начинот на набљудување влијае врз тоа како клетките се однесуваат. Прво треба тоа да го разбереме, па потоа да го направиме експериментот.

Има ли некоја надеж што ја гледате под микроскоп во борбата против канцерот?

-Надежта е во новите методи, новите начини на набљудување на биологијата, или пак, новите начини на обележување на одредени молекули во клетката или настани што се случуваат во самата клетка. Денес целта е да се автоматизира целиот процес на снимање, но и самата анализа. Тука многу работам со вештачката интелигенција.

Кај канцерот е важно да се анализира како се движат клетките. Денес е многу корисно автоматски да се детектираат поединечни клетки и да се анализира каква е нивната форма, колку брзо се движат, дали се движат во права линија и колку е сложен патот по кој стигнуваат до целта. Сето тоа е многу, многу корисно и отвора можности за истражувања што биле незамисливи пред пет-шест години.

Колку добиваме, или добивме, од вештачката интелигенција? А што може да изгубиме?

-Немам конкретен одговор. Можам само да претпоставувам, врз основа на моето искуство. Толку години работам на моите теми и можам да кажам дека имам развиено интуиција. Еден мој поранешен професор по органска хемија велеше дека една од најважните работи е да се развие интуиција, а деталите ќе ги научиш. Со помош на вештачката интелигенција забележав дека интуицијата ми дава почетна насока за тоа што е возможно, кое е прашањето и што ќе биде важно, а вештачката интелигенција ми помага понатаму да ја разработам идејата. Тоа многу помага да ја развијам идејата, прашањето. Многу помага.

Што може да биде лошо? Да дозволиме да ја изгубиме дисциплината што некогаш сите ја имавме. Кога бев на колеџ, за еден предмет требаше да прочитаме две книги за една недела. Па одиш во библиотека, ги бараш книгите… Сега, „тешките“ работи ги извршува ВИ.

Јас понекогаш се плашам од нејзиниот брз развој и се обидувам да останам дисциплиниран, да не се потпирам премногу на вештачката интелигенција. Не ни е јасно на какви податоци е обучена вештачката интелигенција. На пример, ако ѝ поставам прашање поврзано со здравјето, дали одговорот ќе биде релевантен само за мажи, а не и за жени или за деца? Или ќе одговара само на западен културен контекст?

И во тој контекст се надевам дека ИЗВОР ќе помогне. Не поминаа ни два-три дена откако ИЗВОР беше пуштен онлајн, а ботовите на вештачките интелигенции веќе нѐ пронајдоа. Забележуваме и ботови што собираат информации од ИЗВОР за обучување на системи за вештачка интелигенција.

Исто така, сите поголеми системи за вештачка интелигенција веќе го познаваат ИЗВОР и често упатуваат посетители кон него. Ова го знаеме затоа што следиме и проучуваме како се користи ИЗВОР, а притоа внимаваме да ги почитуваме правилата на GDPR за заштита на личните податоци. Значи, македонските научни содржини стануваат видливи и преку овие системи.

Сѐ уште ја вагаме ВИ. Рано е, рано за заклучоци. И сѐ многу брзо оди. Но корисна е секако.

Што ве фасцинира најмногу во вашата работа?

-Сѐ. И една единствена клетка е толку сложен систем. Толку многу молекули, протеини, јони… и сето тоа е синхронизирано, сѐ си има свое место. Толку многу знаеме, толку мислиме дека многу знаеме, а толку малку знаеме. А зборувам само за една клетка.

Замислете го сега целиот човек, сите тие клетки што работат заедно како еден организам… Тоа е уште пофасцинантно. Човекот е чудо, како и целата природа од која е дел. Еден од најинтересните моменти за мене во микроскопијата е кога ќе дојде некој колега или колешка со нова загатка: „Мишо, дали е тоа возможно?“

Возбудливото е што можеме да го провериме (не)возможното. А посебно е фасцинантно кога ќе сфатите дека сте буквално првиот човек што гледа некоја појава на клеточно ниво.

А што е разочарувачкото?

-Па, не знам дали е баш разочарувачки… Во науката има многу конкуренција. Некогаш финансиските ресурси се ограничени. Тоа е борба на дневно ниво. Но во исто време, тие предизвици и многу ме мотивираат. Работењето во Институтот навистина го гледам како привилегија.

Од каде оваа желба за наука, за медицина…?

-Имав луѓе што многу влијаеја врз мене уште од детството. Почнувајќи од наставниците во основното училиште во Македонија, па еден семеен пријател што ми даваше фасцинантни книги за читање. Меѓу нив имаше и книги од Жил Верн. Мајка ми работеше во болница во Германија и кога ќе ја посетев на работа, ми покажуваше под микроскоп препарати од крвни примероци на пациенти со маларија или леукемија.

А тука е и татко ми, кој размислува аналитички и креативно. Сите тие придонесоа за мојата љубопитност. Потоа дојде искуството во Америка. Таму не бев само на школување, туку и живеев со едно семејство што ми стана второ семејство. Мојот американски татко беше гастроентеролог и кога беше дежурен, знаеше да ми каже: „Мишо, let’s go!“ И одевме кај него на работа.

Присуствував на тие прегледи и гледав како ги изведува. А образованието во Америка и Германија потоа си го направи своето. Подоцна во Германија бев вклучен и во проект во кој испитувавме дали флуоресцентен маркер, користен при ендоскопски преглед, може да помогне да се разликува туморско од здраво ткиво.

И да се надоврзам на претходното прашање за канцерот: превенцијата и раното откривање се многу важни. Соодветните гастроентеролошки прегледи можат многу да помогнат. На пример, со колоноскопија можат да се откријат и отстранат полипи пред да се развијат во рак. И на сите ви порачувам: знам дека овие прегледи не се нешто на што човек се радува. Но не треба да ги одложуваме кога лекарот ни ги препорачува, според возраста и личниот ризик.

Како се „влегува“ во Институтот? Како функционира тој?

-Научниците таму добиваат финансии секоја година да истражуваат одредено поле. Добиваат и човечки ресурси и целата технологија што им е потребна, којашто некогаш и самите ја развиваат. Тие се многу внимателно избрани од цел свет. Не се само Германци, туку буквално од целата планета. Има и Македонци, но не во моето опкружување. Институти „Макс Планк“ има во многу градови низ Германија.

Можете и како студент да се пријавите. За докторски студии постојат меѓународните истражувачки школи на „Макс Планк“, познати како International Max Planck Research Schools, што соработуваат со универзитетите. Тоа е една варијанта. А ако некој сака повеќе информации за институтите „Макс Планк“ и можностите за студирање или истражување таму, слободно може да ми се јави.

Има можности за кратки и за подолги истражувачки престои, како и за докторски студии. Постдокторантите можат и директно да се обратат до директорите или раководителите на истражувачките групи за да видат дали постои можност за соработка. Докторските и постдокторските позиции обично се финансирани, а деталите зависат од конкретната програма или позиција.

Имате ли соработка со македонските научници? Доаѓате овде често?

-Се обидувам да доаѓам што почесто и да воспоставам што повеќе контакти со македонските научници. Еве, професор Мирко Спироски беше еден од првите со кои воспоставив соработка, а од таа соработка произлезе ИЗВОР.

Преку тој проект имав контакти и со неколку издавачи на списанија. Идејата е и самите издавачи да можат да се најавуваат на платформата и да ги уредуваат информациите за своите списанија. Но би сакал да воспоставиме што повеќе контакти. Сега преку оваа платформа постои уште еден начин за тоа.

Ако би ја споредиле науката овде и во Германија, како би изгледало тоа?

-Јас секогаш сум работел во биологијата, меѓу другото и во невронауката и во биологијата на канцерот. Но, за жал, немам контакти со македонски колеги што работат токму на тоа поле. Знам дека има многу, многу потенцијал во Македонија. Апсолутно верувам во тоа.

А за образованието можам да зборувам од лично искуство. Со моето основно образование во Македонија бев многу добро подготвен и за германскиот и за американскиот систем. Во Македонија добив многу добра основа по хемија, по математика и воопшто по природните науки. Бев многу понапреден со знаењето во Германија, а и во Америка.

Меѓутоа, подоцна, на колеџ, видов колку е напредно образованието и во Америка и во Германија. Ама, кога се работи за основното училиште, тоа многу ми помогна понатаму.

Како се најдовте во Германија? Каков ви беше патот? Случајно, намерно, планирано…?

-Не беше планирано, но имав планови. Многу луѓе, како моите родители, своевремено одеа во Германија на „привремена печалба“. Таму сум роден, но како мал родителите ме пратија во Куманово, надевајќи се дека и тие наскоро ќе се вратат во Македонија. Живеев кај еден мој тетин, кој тогаш беше наставник по физика и математика и ме зеде „под свое“. Тогаш не знаев македонски, па го научив во Куманово.

Потоа во скопско Ново село учев до седмо одделение. Па се вратив во Германија. Тогаш мајка ми помогна да се организира доаѓањето на еден македонски наставник во градот каде што живеевме. Тој им држеше часови по македонски јазик на децата од македонските семејства и ги запознаваше со македонската култура.

Подоцна се школував во Америка, каде што останав десет години. Па, пак се вратив во Германија, за да бидам поблизу до моите. Многу ми е жал што за време на школувањето во Америка го пропуштив детството на мојот помлад брат.

Низ годините студирање надвор македонскиот ми ослабе, па по враќањето од Америка пак го учев, најмногу благодарение на мојата сопруга, која е Македонка.

Многумина ја напуштаат државава, а вие ѝ се враќате на некој начин…?

-Нешто ме влече, апсолутно. Можеби поради раното детство поминато овде, не знам… Сум патувал низ повеќе земји на различни континенти. И токму поради тие искуства можам да кажам дека Македонија е прекрасна земја, со прекрасни луѓе и богати традиции.

Од друга страна, низ годините стекнав знаење и искуство што би сакал да ги споделам со македонските колеги. Имам идеи за кои мислам дека би помогнале на македонската наука, па и во развојот на приватни фирми што би можеле да имаат корист од примената на различни техники, меѓу кои и микроскопијата.

Денес, со современите начини на комуникација, многу лесно можеме да соработуваме и на далечина. Можеме да организираме нешто заедно, за општо добро. Се разбира, потребни се финансии, но пред сѐ, добра волја. А убеден сум дека во Македонија има голем потенцијал и дека можеме тука да развиваме нешто што ќе има глобално значење. /дј

На следното видео што со нас го сподели д-р Митковски, прикажани се рак клетки (со жолта боја), одгледани во лабораториски услови (in vitro), како навлегуваат во празнина. Овој експеримент, во кој клетките ги следиме под микроскоп, е познат како „scratch assay“ и ни помага да го проучуваме движењето на клетките на ракот при различни третмани. Се надеваме дека во иднина со слични експерименти ќе може да се одреди кој лек најдобро делува кај поединечниот пациент.

Имуно клетки

На видеото прикажани се микроглии, имунолошки клетки на нервниот систем, како го внесуваат во себе бета-амилоид, означен со жолта боја. Видеото опфаќа околу осум часа: на почетокот во клетките речиси нема бета-амилоид, а на крајот повеќето клетки веќе го внеле. Бидејќи неговото натрупување е поврзано со Алцхајмеровата болест, важно е да се измери колку брзо и ефикасно овие клетки го отстрануваат.

Извор: МИА

Ad
Ad