Connect with us

Свет

Со посредство на Меланија Трамп, уште девет руски и украински деца обединети со семејствата

Првата дама на САД, Меланија Трамп, помогнала уште девет руски и украински деца повторно да се обединат со своите семејства, со што бројот на деца вратени кај најблиските преку нејзините хуманитарни активности достигнал 43, соопшти денеска Белата куќа.

Ова е седми случај на обединување на деца разделени од своите семејства за време на руско-украинската војна, во кој посредувала првата дама на САД.

Од нејзината канцеларија соопштија дека обединувањето било овозможено со „целосна соработка“ на руските и украинските лидери. Сепак, не беа објавени дополнителни детали за идентитетот на децата, ниту за околностите во кои биле разделени од своите семејства.

– Можеме да го излекуваме светот преку мирот, а мирот почнува со нашите деца – изјави Меланија Трамп.

Таа додаде дека секое дете вратено кај своите родители го приближува човештвото до подобра иднина.

Според неа, децата погодени од конфликтот не можат да разберат зошто „географијата и владите“ ги довеле во ужасите на војната. Меланија Трамп порача дека останува решена да продолжи со напорите за повторно обединување на разделените семејства.

– Наша морална обврска како возрасни е да ги издигнеме нашите деца над поделбите што ја поттикнуваат војната – истакна таа.

Најавата за новото обединување доаѓа по нејзиното посредување за постигнување локален прекин на огнот во градот Олешки и поширокиот регион Херсон, во јужна Украина. Белата куќа соопшти дека со нејзина помош биле спасени речиси 800 животи и било овозможено доставување храна, чиста вода, лекови и медицинска помош до населението на кое му била неопходна.

Ad
Ad