Туризам
Градските власти на Венеција планираат да ја зголемат цената на туристичкиот билет
Градските власти на Венеција разгледуваат можност за зголемување на туристичката такса, нејзина употреба во поголем дел од годината, како и зголемување на максималниот дневен износ на 30 евра, изјави Микеле Зуин, градски советник задолжен за буџетот и оданочувањето.
Според советникот, сегашната такса од пет до 10 евра е прениска. Тој прецизираше дека се споменува зголемување и до 50 евра, но додаде дека властите би можеле да се договорат за нов максимален износ од 30 евра за 2027 година, објавија британските медиуми.
Оваа такса, што се применува само за дневните посетители, беше воведена во 2024 година и во тоа време беше првата таква такса во светот.
Туристите кои ќе резервираат однапред можат да купат билет по пониска цена. Мерката е воведена да се спречи преголемата посетеност на градот, особено во летниот период, како и иселувањето на тамошните жители.
Измените, според локалните власти, би требало да придонесат за подобро распределување на туристичкиот прилив и намалување на притисокот врз историскиот центар на Венеција.
септември 22, 2026
