Свет
Путин го презеде бизнисот на „Џапен тобако интернешнл“ во Русија
Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера со декрет го стави работењето на тутунскиот гигант „Џапен тобако интернешнл“ (ЈТИ) под привремена државна администрација.
Според одлуката, средствата на компанијата, меѓу кои четири фабрики и околу 4.000 вработени, беа префрлени на холдинг компанијата „АО Промишление активи“.
Одлуката се однесува на фабриките на ЈТИ во Санкт Петербург, Ростов на Дон и во регионите Липецк и Ленинград. Компанијата нуди широк спектар на производи, од меѓународни до домашни брендови на цигари.
ЈТИ со удел од приближно 40 проценти е најголемиот производител на цигари на рускиот пазар.
ЈТИ, со седиште во Женева, работи на рускиот пазар од 1999 година. Во 2018 година компанијата го презеде локалниот производител „Донско табак“. Според податоците на компанијата, „ЈТ Груп“ за над 20 години работење во Русија вложила 4,6 милијарди долари.
По руската инвазија врз Украина во 2022 година, ЈТИ не ја напушти Русија, туку ги суспендираше новите инвестиции во производството и маркетингот.
Преземањето на бизнисот на ЈТИ уследи откако руските власти минатиот месец го уапсија новинарот на „Хокаидо шимбун“, Јуки Имаи под обвинение за шпионажа. Руското Министерство за надворешни работи го обвини Токио за систематско користење на новинари за собирање разузнавачки информации. Јапонија ги отфрли обвинувањата.
Јапонија се приклучи на западните санкции против Русија поради војната во Украина, а двете земји имаат и долгогодишен спор околу Курилските Острови во Тихиот Океан.
Претходно и други странски компании, меѓу кои „Нестле“, „Ошан“, „Лерој Мерлин“ и „Метро“ беа преземени од руската држава.
ноември 6, 2026

