Општини
Мицкоски: Повеќе вода за земјоделците значи повеќе реколта, поголемо производство и повисоки приходи
Најпрво би сакал да го честитам денот на градот Валандово. Денеска некако се поклопија настаните и почнувањето на проектот Страиште, но и денот на градот Валандово и да посакам уште многу вака успешни проекти да се реализираат, не само во Валандово туку и низ цела Македонија што всушност претставува и главна цел на оваа Влада е да испорача она што им е потребно на граѓаните.
Не секогаш успеваме во таа намера имајќи в предвид со каква ситуација се соочивме и што се наследивме, разурната држава, уништени институции, систем којшто не постоеше, но се трудиме приоритет по приоритет, еден по еден да ги решаваме проблемите и се надевам дека успеваме во најголема мера да ги решиме тие проблеми.
Што се однесува до самиот проект, слушнавте и од самите говорници за каков сложен проект станува збор.
Но, она коешто е поважно е дека со овој проект ќе се овозможи земјоделците коишто ќе ги обработуваат своите ниви да имаат повеќе достап до вода, односно ќе имаат можност да имаат достап до вода тогаш кога таа им е потребна.
Ќе има можност за повеќе реколта, повеќе земјоделско производство и конечно на крај повеќе приходи за самите земјоделци и на тој начин се надеваме дека голем број од жителите во овој крај ќе се вратат повторно на нивите, ќе го заживееме земјоделството и ќе имаме поголемо производство на земјоделски производи што претставува една од основните цели на работењето на оваа влада.
Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на колегите од владата, на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, за посветената работа на луѓето од институциите во рамките на самото министерство коешто навистина со својата енергија, со својата напорна работа допринесува за овој проект денеска повторно се рестартира или отпочне со работа, на општината којашто дава своја поддршка се разбира секогаш кога е потребно за ваков тип на проекти, на пратениците од овој дел во македонското собрание коишто го поддржуваат реализирањето на ваквите проекти.
И остануваме ние како влада да решиме што повеќе проблеми, нешто коешто веќе го кажав на почетокот од моето денешно излагање и конечно на крај да се заблагодарам на нашите партнери од банката KfW коишто ги пратат овие проекти.
Се надевам дека уште многу вакви и слични проекти ќе решиме во иднина.
Нека е аирлија.
ноември 6, 2026


