Connect with us

Регион

Црна Гора утре затвора уште две поглавја, вкупно 23 во преговорите со ЕУ

Црна Гора утре, на Меѓувладината конференција со Европската Унија, привремено ќе затвори уште две преговарачки поглавја, соопшти денеска министерката за европски прашања Маида Горчевиќ.

Таа во црногорскиот Парламент изјави дека добила потврда од Брисел дека ќе бидат затворени поглавјето 1, кое се однесува на слободното движење на стоки, и поглавјето 12, кое ги опфаќа безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.

– Верувам дека, кога зборуваме за успесите на оваа влада и на цела Црна Гора, можеме да кажеме дека тие само се нижат – изјави Горчевиќ, одговарајќи на пратенички прашања.

Црна Гора досега привремено затвори 21 преговарачко поглавје, а со затворањето на уште две, нивниот број ќе се зголеми на 23.

Министерката оцени дека актуелната влада за помалку од три години го променила текот на европските интеграции, преминувајќи од повеќегодишен застој во завршната фаза на преговорите и подготовката на Договорот за пристапување во ЕУ.

Според неа, Црна Гора до крајот на октомври ги исполнила обврските потребни за привремено затворање на преостанатите преговарачки поглавја и ги доставила преговарачките позиции до Европската комисија и Советот на ЕУ. Горчевиќ наведе дека целта е преговорите да бидат завршени до крајот на годинава, Договорот за пристапување да биде потпишан во текот на 2027 година, а Црна Гора да стане членка на ЕУ во 2028 година.

Европската комисија вчера го објави годишниот извештај за напредокот на Црна Гора, во кој оцени дека земјата остварила исклучителен напредок во пристапниот процес и дека, со согласност на земјите членки на ЕУ, би можела да ги заврши преговорите до крајот на годинава.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Јохан Сатлер, вчера, при претставувањето на извештајот во Подгорица, изјави дека членството на Црна Гора во Унијата е на дофат и дека Европската комисија првпат констатирала дека една земја кандидатка е подготвена да ги заврши пристапните преговори. Сатлер оцени дека станува збор за ден за паметење во политиката на проширување на ЕУ и истакна дека Црна Гора постигнала значителен напредок во сите преговарачки поглавја.

Сепак, тој предупреди дека во завршната фаза на европските интеграции земјата мора да остане фокусирана на реформите, вклучително и на уставните измени, неопходните именувања во правосудството и решавањето на отворените билатерални прашања со Хрватска. Сатлер посебно укажа на потребата од подобри резултати во борбата против корупцијата на високо ниво, наведувајќи дека ЕУ очекува повеќе правосилни пресуди и поефикасни судски постапки. Според него, иако е постигнат голем напредок во областа на владеењето на правото, долгите судски постапки и натаму претставуваат проблем, поради што ЕУ ќе продолжи да го следи спроведувањето на реформите сè до самото пристапување.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ вчера оцени дека извештајот на Европската комисија е најпозитивниот досега и изрази уверување дека тоа е последниот годишен извештај што Црна Гора ќе го добие како земја кандидатка. Тој изјави дека Европската комисија ја поддржала намерата на Владата до крајот на 2026 година да ги затвори сите преговарачки поглавја и дека со тоа е потврдена согласноста меѓу Подгорица и Брисел за роковите за завршување на преговорите.

Спајиќ истакна дека постигнатиот напредок не е резултат на работата на поединец, туку на заедничкиот ангажман на институциите, оценувајќи дека Црна Гора со своите резултати ја враќа довербата во политиката на проширување на ЕУ. Премиерот рече дека е потребно да продолжат реформите, доследно да се применуваат законите и да се обезбедат трајни резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Европската комисија во извештајот оцени дека Црна Гора постигнала значителен напредок во пристапниот процес, но истовремено нагласи дека продолжувањето на реформите, политичкиот консензус и зајакнувањето на владеењето на правото се неопходни за успешно завршување на преговорите. Комисијата потврди и дека веќе започнала подготовката на Договорот за пристапување на Црна Гора во ЕУ, кој, според најавената динамика, би можел да биде потпишан најрано во јуни 2027 година.

Црна Гора преговара за членство во ЕУ од јуни 2012 година, а целта на владата е во 2028 година да стане 28. членка на Унијата. По завршувањето на преговорите, за пристапување во ЕУ ќе биде неопходна ратификација на Договорот за пристапување во сите земји членки. 

Ad
Ad