Економија
Ана Виткова предложена за член на Регулаторната комисија за енергетика
Ана Виткова е предлог-кандидат за именување член Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад едногласно утврдена од членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница.
Кандидатката Виткова, како што истакна претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, е дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на правни науки. Државен советник е во Владата за правни прашања.
– Со пријавата кандидатката ги доставува сите потребни документи и може да се констатира дека ги исполнува условите во согласност со одлуката за објавување на јавниот оглас – додаде Сајкоски.
За член на Регулаторната комисија за енергетика кандидатура доставил и Енвер Ељмази, кој, според Сајкоски, не ги исполнува условите во согласност со објавениот јавен оглас.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја утврди предлог-одлуката за членови на Советот за граѓански надзор да бидат избрани Андон Димовски, дипломиран социјален работник и доктор по социолошки науки од Скопје, претставник од Центарот за помош на лица со хендикеп, и Гордана Стевковска-Вељановска, дипломиран психолог, претставник од Македонската асоцијација за применета психологија.
Дамовски, според Сајкоски, се избира како претставник на здружение од областа на заштита на човекови права, безбедноста и одбраната, а Стевковска-Вељановска се избира како претставник на здружение од областа на заштита на човекови права, безбедност и одбрана.
Членовите на Комисијата ги донесоа и предлог-одлуките за изменување на одлуките за избор на шеф, членови и заменик-членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) и за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието.
Во Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ) предложена е пратеничката Рина Ајдари на местото на Садула Дураку, а за шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) ќе биде Дијана Тоска на местото на Рина Ајдари.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го утврдија предлогот Дијана Тоска да биде член на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците наместо пратеникот Садула Дураку. Во Комисијата за одбрана и безбедност за член се предлага пратеникот Илир Хасани на местото на пратеничката Рина Ајдари, а во Законодавно-правната комисија пратеничките Рина Ајдари и Дијана Тоска си ги менуваат местата од член и заменик-член.
На денешната седница беше утврдена и предлог-одлуката за изменување на одлуката за основање пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави и за избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави да биде избрана Билјана Кузмавска на местото на Бети Стаменковска.
ноември 5, 2026


