Connect with us

Свет

Кремљ: Руските интереси во Украина не зависат од резултатите од изборите во САД

Заштитата на руските интереси во Украина не може да зависи од политичката ситуација во САД по меѓуизборите за американскиот Конгрес одржани во вторникот, соопшти денеска Кремљ.

– Русија сака мирно решавање на конфликтот во Украина, но досега тоа не беше можно – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.

– Руските интереси ќе бидат гарантирани или со воени средства, преку продолжување на специјалната воена операција, или со мирни средства, доколку во Киев се појави некој што има политичка волја и е подготвен да преземе политичка одговорност – изјави Песков.

Тој посочи дека по меѓуизборите американскиот претседател Доналд Трамп ќе продолжи да ги извршува своите овластувања и да ја води сопствената надворешна политика. – Сè друго, од наша гледна точка, е внатрешна работа на Соединетите Американски Држави – изјави Песков.

Портпаролот на Кремљ повика да не се бара никаква поврзаност меѓу резултатите од меѓуизборите за американскиот Конгрес и информациите за промена на курсот на танкерите што превезуваат руски дизел кон САД, објави ТАСС.

– Не треба да се бара никаква поврзаност со изборите во овој случај. Тоа е категорично – истакна Песков, одговарајќи на прашањето дали маневрите на танкерите што превезуваат руско гориво во рамките на договорот за дизел треба да се поврзат со резултатите од американските меѓуизбори.

Тој одби да коментира дали постои можност за преиспитување на условите од договорот.

– Немам што да додадам на она што веќе го кажав – нагласи Песков.

Рускиот дизел ќе стигне до своите купувачи, изјави Песков во врска со информацијата на „Фајненшл тајмс“ дека два од првите три танкери натоварени со руски дизел, кои првично се упатиле кон САД, го промениле курсот. Според британскиот весник, промената на маршрутата го доведува во прашање обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да обезбеди дополнителни испораки на гориво од Русија.

– Знаете дека танкерите беа наполнети. Станува збор за комерцијални активности, па затоа, се разбира, деталите не можат да бидат јавно достапни. Целото количество дизел ќе стигне до своите купувачи, изјави портпаролот.

Песков, исто така, оцени дека обвинувањата на европските медиуми дека Русија стои зад кибернападот врз системите за ладење во продавници во неколку европски земји се апсурдни и не се поткрепени со докази. Властите во засегнатите земји сè уште јавно не откриле како хакерите успеале да навлезат во соодветните мрежи, ниту посочија која земја би можела да биде одговорна.

– Тоа се апсурдни тврдења. Како и секогаш, зад нив не стои никакво образложение, ниту какви било докази, но и покрај тоа, против нашата земја се упатуваат неосновани обвинувања, поврзувајќи ја со сè – изјави портпаролот на Кремљ.

Ad
Ad