Живот
Слабата точка во магнетното поле на Земјата се проширила од 2014 година – за површина речиси колку половина Европа
Областа каде што магнетното поле на Земјата е најслабо се прошири – меѓу 2014 и 2025 година, таа пораснала за површина речиси еднаква на половина од големината на Европа. Ова го покажуваат податоците од мисијата „Сворм“ (Swarm, Рој) на Европската вселенска агенција (ЕСА). Иако овој феномен не се чувствува на површината на Земјата, сателитите што минуваат низ (т.е. над) тоа подрачје, се изложени на повисоко зрачење.
Магнетното поле на Земјата, инаку нема иста јачина насекаде. Над Јужниот Атлантик – меѓу Јужна Америка и јужна Африка, тоа е значително послабо отколку на други места. Научниците оваа област ја нарекуваат „Аномалија на Јужниот Атлантик“ и го следат со десетлетија. Денес, најпрецизните податоци доаѓаат од три идентични сателити коишто се дел од мисијата „Сворм“ на ЕСА, лансирана на 22 ноември 2013 година. Така, по 11-годишни мерења, според истражување објавено во 2025 година во списанието „Физикс оф д’ Ерт енд планетари интериорс“ (Physics of the Earth and Planetary Interiors), тим научници предводен од Крис Финли – професор по Геомагнетизам на Техничкиот универзитет во Данска, кои ги анализирале податоците, забележале дека аномалијата се проширила за површина – приближно колку половина од континентот Европа. Згора на сѐ тоа, делот над Атлантикот – југозападно од Африка, од 2020 година наваму слабее побрзо од останатите делови.
– Аномалијата на Јужниот Атлантик не претставува еден единствен, униформен блок. Развојот во близина на Африка се разликува од случајот во близина на Јужна Америка. НАСА претходно исто така забележа дека областа со најслабо магнетно поле се поделил на два посебни дела, вели Финли.
Магнетното поле се создава преку движењето на стопено железо во надворешното јадро, коешто се наоѓа на длабочина од приближно 2.900 километри под површината. На границата меѓу јадрото и погорниот слој под Јужниот Атлантик, постојат области со обратен магнетен флукс. Таму струите не го напуштаат јадрото, туку се враќаат во него. Според ЕСА, една таква област се движи кон запад, под Африка, и дополнително го слабее полето во тој дел од аномалијата.
Промените не се случуваат само на југот. Областа со силно поле над Канада се намалила за 0,65 отсто од површината на Земјата – приближно колку големината на Индија, додека онаа над Сибир се зголемила за 0,42 отсто колку Гренланд. Последниве години, Северниот магнетен пол се поместува кон Сибир.
Што значи ова за сателитите? Магнетното поле одбива голем дел од наелектризираните честички што доаѓаат од Сонцето и од вселената. Таму каде што полето е послабо, овие честички се приближуваат до Земјата, па сателитите во ниска орбита примаат поголеми дози на зрачење додека прелетуваат над Јужниот Атлантик. Според НАСА, протон со висока енергија може да предизвика краткотраен дефект на електрониката или, доколку удри во некоја клучна компонента – и трајно оштетување. Поради тоа, операторите на сателитите честопати ги исклучуваат оние делови од опремата што не се неопходни додека леталото минува низ таа област.
И Меѓународната вселенска станица минува низ оваа аномалија. Од НАСА велат дека астронаутите во станицата се добро заштитени, но инструментите поставени однадвор регистрираат пречки – како резултат на тоа, инструментот „ГЕДИ“ мора да се рестартира (или ресетира) приближно еднаш месечно, иако притоа не настануваат трајни оштетувања.
Дали ова се чувствува на Земјата? – Не. НАСА наведува дека аномалијата засега нема видливи ефекти врз секојдневниот живот на површината на планетата. Компасите, мобилните телефони и Џи-пи-ес-системите функционираат како и претходно. Научниците истакнуваат дека за разбирање на промените во јадрото е потребно долгорочно следење, па затоа мисијата „Сворм“ продолжува со мерење на полето.
ноември 5, 2026

