Connect with us

Општини

Серафимовски: Со европската поддршка продолжуваме да го модернизираме домашното земјоделство

Континуираната поддршка од Европската Унија (ЕУ) овозможува натамошна модернизација на земјоделските стопанства и преработувачката индустрија, воведување нови технологии и усогласување со европските стандарди – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на денешниот состанок на секторската работна група за земјоделство и рурален развој, воспоставена во рамките на секторскиот пристап за програмирање и координација на претпристапната помош од ЕУ (ИПА).

– Посебен акцент ќе ставиме на консолидацијата на земјоделското земјиште, развојот на системите за наводнување, зајакнувањето на задругите и организациите на производители и подобрувањето на земјоделските вредносни синџири – нагласи министерот Серафимовски.

Тој посочи дека идните мерки ќе бидат насочени и кон развој на климатски отпорно и еколошки одржливо земјоделство, ревитализација на руралните средини и развој на дополнителни економски активности, со поддршка за младите земјоделци, жените и малите стопанства, како и со натамошно унапредување на безбедноста на храната и здравјето на животните и растенијата.

– Нашата заложба е да продолжиме со ефикасно спроведување на ИПАРД III-програмата, но и навремено да се подготвиме за новиот финансиски период 2028 – 2034 година. Активно работиме на идентификување на идните можности за финансирање, имаме капацитети за квалитетни инвестициски проекти за успешно користење на европските средства – истакна Серафимовски.

На состанокот, на кој учествуваа раководителот на Секторот за операции во Делегацијата на ЕУ, Евоут Сандкер, претставници на меѓународни организации и надлежни институции, беа разгледани приоритетните области за новата финансиска рамка, која ќе следува по 2027 година, статусот на ИПА-проектите и придобивките од заедничкото уредување на пазарите за земјоделски производи.

Осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија за 2026 година, министерот Серафимовски порача дека Министерството ќе се фокусира на исполнување на преземените обврски и спроведување на потребните реформи преку конкретни активности за реализација на препораките и редовно следење на постигнатиот напредок.

Ad
Ad