Здравје
Нова апликација за следење на срцето и поддршка на неговото здравје
Клиничкиот центар при Универзитетот на Печ, Унгарија, разви мобилна апликација наменета за поддршка на одржувањето на кардиоваскуларното здравје и помош при кардиолошка рехабилитација, соопштија од установата.
Според информациите објавени на видеоканалот на Универзитетот, апликацијата нуди насоки за клучните фактори на ризик за срцевите болести – вклучувајќи ги тука исхраната, физичката активност, справувањето со стресот и пушењето, со цел да им помогне на корисниците да усвојат поздрав начин на живот. Инаку, првичната цел на апликацијата е да овозможи поддршка за рехабилитација во домашни услови за пациенти по доживеан срцев удар, коронарна ангиопластика или операција за бајпас на коронарните артерии – практика којашто одамна е востановена во западните земји.
Во Унгарија, само околу 7 отсто од луѓето што претрпеле срцев удар учествуваат во кардиолошка рехабилитација; достапноста на рехабилитација во домашни услови би можела значително да ја зголеми оваа бројка.
Според описот, апликацијата „Сивбарат (SzivBarat / Пријател на срцето)“ обезбедува секојдневна поддршка преку рецепти, видеа со терапевтски вежби, стручни совети и функција „доктор во џеб“, додека „здравствениот дневник“ им овозможува на корисниците да го евидентираат и следат крвниот притисок, земањето лекови и физичката активност.
октомври 27, 2026


