Вести
Европска недела за БЗР: Менталното здравје сè поважен дел од безбедноста и здравјето при работа
Менталното здравје на работниците, навременото препознавање на психосоцијалните ризици и градењето култура на превенција беа во фокусот на одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, на кое беа доделени и националните награди за добра практика во оваа област за 2026 година.
Како што стои во соопштението на Советот за безбедност и здравје при работа, претседателката на Советот, Јасмина Чалоска, на отворањето истакна дека заштитата на животот и здравјето мора да биде составен дел од секојдневното управување во организациите.
– Заштитата на животот и здравјето на работниците треба да биде составен дел од работењето и управувањето со секоја организација и компанија. Културата на превенција се гради со секојдневни одлуки, навремено препознавање на ризиците, ефективна комуникација и активно учество на работниците. Безбедноста и здравјето при работа не смее да биде сведено исклучиво на исполнување на законските прописи, изработка на документација или формално спроведување на процедури и протоколи. Вистинската заштита започнува тогаш кога безбедноста станува дел од организациската култура, кога превенцијата е составен дел од секоја деловна одлука и кога грижата за работниците се препознава како вредност, а не како трошок – рече Чалоска.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, нагласувајќи ја потребата од унапредување на законската регулатива, зајакнување на превенцијата и подигнување на стандардите.
– Современите технологии и дигитализацијата носат нови можности, но и нови ризици. Затоа, како Министерство за економија и труд, остануваме посветени на унапредување на законската регулатива, зајакнување на превенцијата и подигнување на стандардите за безбедност и здравје при работа. Особено ме радува што и оваа година имаме компании кои покажуваат дека вложувањето во безбедноста на вработените е инвестиција, а не трошок. Со доделувањето на Националната награда сакаме да ги истакнеме добрите практики и да поттикнеме што повеќе работодавачи да го следат нивниот пример – посочи Дурмиши.
Програмскиот менаџер во Делегацијата на ЕУ, Мауро Машиоли, истакна дека Унијата го поддржува унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа во земјава преку зајакнување на институциите и приближување кон европските стандарди.
– За работниците, тоа треба да значи подобра заштита и работна средина во која се води грижа и за физичкото и за менталното здравје. Превенцијата е вложување во луѓето и во одржливоста на компаниите – рече Машиоли.
Директорката на Канцеларијата на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, нагласи дека психосоцијалните опасности треба да се идентификуваат и да се проценуваат со истата сериозност како физичките, хемиските и биолошките опасности.
– Нашата порака ја става превенцијата во центарот. Психосоцијалните опасности мора да се идентификуваат и проценуваат, а со нив да се управува со истата сериозност како со физичките, хемиските и биолошките опасности. А превенцијата бара дејствување од работодавачите, учество на работниците, ефективни институции и силен социјален дијалог – нагласи Харасти.
Националните награди за добра практика во безбедноста и здравјето при работа за 2026 година ги добија компанијата „ARC Automotive“ и Друштвото за производство, трговија и услуги „Лутхман Бацклунд Фоодс Продукција“ ДОО Битола. Наградените компании ги презентираа своите искуства и резултатите од спроведените активности за подобрување на безбедноста и здравјето на вработените.
Во рамките на настанот беше дискутирано и за приоритетите во развојот на современ систем за превенција и контрола, како и за потребата од ефективен социјален дијалог и соработка меѓу институциите, работодавачите и синдикатите.
Годинашната Европска недела за безбедност и здравје при работа е посветена на менталното здравје на работното место и превенцијата на психосоцијалните ризици, во рамките на тригодишната кампања на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, под мотото „Заедно за менталното здравје при работа“. Кампањата е насочена кон навремено препознавање на ризиците поврзани со прекумерниот обем на работа, недоволната контрола врз работните задачи, лошата комуникација, несигурноста на работното место, недоволната вклученост во одлучувањето и вознемирувањето.
Според податоците на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, 45 проценти од работниците во ЕУ пријавуваат изложеност на ризици за нивната ментална добросостојба на работа, додека 29 проценти пријавуваат стрес, анксиозност или депресија предизвикани или влошени од работата. Податоците не се однесуваат конкретно на нашата земја, но укажуваат на поширок проблем со кој се соочуваат работниците.
октомври 28, 2026

