Ракомет
Ракометарите на Охрид со убедлива победа ја почнаа одбраната на трофејот во Европскиот куп
Ракометарите на ГРК победнички стартуваа во ЕХФ Европскиот куп во кој ја бранат титулата од минатата сезона, триумфирајќи вечерва убедливо пред своите гледачи над турскиот противник Спор Тото со 36-24.
Македонскиот клуб од самиот почеток ги контролираше случувањата на паркетот во СЦ „Билјанини извори“ и во ниту еден момент победата не беше доведена во прашање.
Турскиот тим само на почеток одржуваше резултатска неивезност, но откако израмни на 4-4 избраниците на Борис Ројевиќ почнаа континуирано да ја зголемуваат предноста која на полувреме достигна +8 голови разлика (18-10).
Разликата во квалитетот уште поочигледно беше на страна на ГРК Охрид во второто полувреме во кое бранителот на титулата во ЕХФ Европскиот куп дојде и до двоцифрена предност, извојувајќи на крајот убедлива победа.
Доминик Мате со десет голови беше најефикасен во редовите на ГРК Охрид, додека Дино Славиќ на голот запиша 14 интервенции.
Реванш натпревар од второто квалификациско коло меѓу ГРК Охрид и Спор Тото, исто така, ќе се игра во СЦ „Билјанини извори“, утревечер со почеток во 18:30 часот.
октомври 24, 2026


