Connect with us

Технологија

Совети за заштита од сè поубедливите ВИ-измамници

Киберкриминалците денес користат вештачка интелигенција за да ги направат своите измами што е можно поубедливи, поради што е важно да се биде дополнително внимателен, пишува „Би-би-си (BBC)“.

Технолошкиот напредок значи дека некои традиционални методи за препознавање измами веќе не се сигурни. Организацијата за кибербезбедност и заштита на потрошувачите „Вич? (Which?)“ истакнува дека потрошувачите веќе не можат да се потпрат на откривањето правописни или граматички грешки како показател за измама. ВИ овозможува масовно испраќање убедливи, граматички точни и персонализирани измамнички пораки преку е-пошта, СМС и социјални мрежи, дизајнирани да ги измамат примателите да откријат лични податоци или да префрлат пари. Така, еден метод вклучува креирање лажни интернет-продавници коишто се претставуваат како семејни бизниси што нудат висококвалитетни производи. За да изгледаат поавтентично, овие страници често содржат фотографии од улици со препознатливи локални знаменитости. Стручњаците за безбедно купување на интернет предупредуваат дека купувачите кои нарачуваат преку такви страници честопати воопшто не го добиваат производот, или пак, добиваат евтина стока од масовно производство, на пр. од Кина.

Исто така, се предупредува на сè поголемата употреба на ВИ во другите видови измама – лажни фотографии, клонирање глас, „дипфејк“ видеомонтажи и друг вид пропаганда – сè со цел да се добие довербата на потрошувачот и тој да бидат измамен, да испрати пари итн.

Карактеристични тактики се и клонираните или целосно нови интернет-страници што изгледаат професионално, но се создадени брзо и евтино. ВИ се користи и во измами поврзани со љубовни врски, каде што жртвата им помага на измамниците да ги запомнат личните детали за неа / него преку долготрајни разговори т.е. преписки.

Натаму, „дипфејк“ видеата и клонираните гласови кои се користат за имитирање членови на семејството или пријатели – обично се искористуваат за да се создаде впечаток дека итно им се потребни пари. 

Аналитичарите препорачуваат неколку клучни заштитни мерки. Пред сѐ, никогаш не праќајте пари, подарок-картички или лични и финансиски податоци на лица што не сте ги запознале лично.

Важно е да ја проверите веродостојноста на понудата и продавачот пред да пристапите кон купување – на пр. преку проверка на податоците за компанијата во деловен регистар или други достапни официјални евиденции и извори. Ако наидете на оглас за работа, проверете го директно кај работодавачот, користејќи ги неговите официјални податоци за контакт. Натаму, не претпоставувајте дека лицето со кое комуницирате е навистина она за кое се претставува, дури и ако сте го слушнале неговиот глас или дури и да сте го виделе на видеоповик.

Основно правило е да застанете и добро да размислите пред да извршите какви било плаќања, да споделите податоци или да преземете други дејства. Бидете особено внимателни доколку некој ве брза или создава чувство на итност – во такви случаи, целта на криминалците е да ве наведат на брза реакција, без доволно размислување.

Ad
Ad