Забава
Поранешна психијатриска болница и погребен дом во САД нудат неверојатно паранормално искуство за сите љубители на хоророт
Во пресрет на „Ноќта на вештерките“, во поранешната психијатриска болница „Елоиз во Вестленд, Мичиген, како и во некогашниот погребен дом „Урбански“ во Толидо, Охајо, љубителите на хоророт имаат можност да стекнат паранормални искуства.Понудата вклучува организирани истраги со водич, но и самостојни прошетки на кои посетителите можат да користат изнајмена опрема, како што е рачен мерач за електромагнетно поле.
Основачот на организацијата „Мичигост паранормал“ (Michighost Paranormal), организатор на паранормални тури на горните катови од „Елоиз азил“ (Eloise Asylum), Џастин Кокс тврди дека посетителите пријавуваат различни необични искуства за време на престојот.
-Гостите што се дел од нашите тури раскажуваат дека некој ги допира и ги зграпчува, дека на облеката им се појавуваат отпечатоци од раце и дека некој им свирка, изјави Кокс.
Посетителите, исто така имаат можност да ги разгледаат и просториите во кои некогаш престојувале пациентите, меѓу кои е и просторија со када користена за хидротерапија, како и да преноќат. Но, ваквата пренамена на просторот предизвикала бунт кај семејствата на поранешните пациенти и кај други лица поврзани со историјата на „Елоиз“ кои се спротивставувале на организирањето комерцијални забави во објектот.
На околу 80 километри јужно од болницата се наоѓа поранешниот погребен дом „Урбански фјунерал хоум“ кој денес работи под името „Мортичери манор“ (Mortuary Manor), каде што биле одржани илјадници погребни испраќања и церемонии од 1926 година до лани. Денес, просторот се користи како музеј посветен на погребните услуги, но и како локација за организирање паранормални тури, каде што може да се разгледаат просториите за балсамирање и обдукција, како и мртовечницата. Една од необичните активности е фотографирањето во подрумот, каде што посетителите често позираат лежејќи на метална плоча што се извлекува од ѕидот. Покрај туристичките обиколки и паранормалните истраги, на 13 ноември ќе се одржи и првата свадбена церемонија. Апартам од пет соби чини 200 долари од ноќ.
Комплексот „Елоиз“ започнал да работи како сиропиталиште во 19 век, а до крајот на 20-тите години прераснал во еден од најголемите јавни здравствени комплекси во САД. Поголемиот дел од зградите биле урнати во 80-тите години, но петкатната зграда од црвена тула, позната како „Кеј Берд билдинг“ (Kay Beard Building), и натаму постои.
октомври 27, 2026


