Connect with us

Вести

ОБСЕ ги нотира позитивните практики на Кривичниот суд Скопје за транспарентност и комуникација со јавноста

Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје – судијката Даниела Димовска, шефицата на специјализираното судско одделение надлежно за судење дела од областа на организираниот криминал и корупцијата – судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, и Илија Трпков – судија во специјализирано судско одделение надлежно за судење дела од областа на организираниот криминал и корупцијата, од вчера учествуваат на дводневната регионална конференција за реформите во правосудството и справувањето со организираниот криминал и корупцијата, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Конференцијата со наслов „Од хартија до практика: Како реформите во правосудството да дадат резултати во предметите на организиран криминал и корупција“ ја организира Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во рамките на регионалниот проект за набљудување судски процеси во Западен Балкан, со финансиска поддршка од Европската Унија.

– Во рамките на конференцијата, на која учествуваа претставници на правосудните институции од Западен Балкан, презентиран e извештајот на ОБСЕ за набљудување на судските процеси во Западен Балкан. Во него нотирани се повеќе позитивни практики во работата на Основниот кривичен суд Скопје, особено во делот на транспарентноста и комуникацијата со јавноста – информираа од Основниот кривичен суд Скопје.

Извештајот, како што се наведува во соопштението, ја истакнува редовната комуникација на судот со јавноста преку објавување соопштенија, одговарање на новинарски и граѓански прашања. Како позитивен чекор е нотирано и почнувањето со издавање квартален билтен со статистички податоци, резимеа на позначајни пресуди и информации за активностите за унапредување на транспарентноста. Особено е нагласено дека судот е единствената институција во судската мрежа со функционална канцеларија за односи со јавноста. Позитивно е оценет и брифингот со медиумите од септември 2026 година како практика за унапредување на транспарентноста, дигитализацијата и ефикасноста во работењето.

Дополнително, се нагласува значењето на континуираната соработка со медиумите и со проектот на ОБСЕ за набљудување на судските процеси.

Учеството на судиите на конференцијата претставува можност за размена на искуства и практики со правосудните институции од регионот, како и за дискусија за предизвиците во спроведувањето на реформите, транспарентноста во предметите од јавен интерес и унапредувањето на ефикасноста на правосудниот систем.

Од Основниот кривичен суд Скопје посочуваат дека продолжуваат со активностите за унапредување на транспарентноста, отворената комуникација со јавноста и јакнењето на довербата во правосудството. 

Ad
Ad