Вести
Обвинителството го отфрли предлогот Дејан Јованов и син му да бидат сослушани како сведоци на судењето против деветтемина полицајци за „Пулс“
Јавното обвинителство ги оцени како целосно неприфатливи предлозите на одбраната за сослушување на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, и син му Михајло Јованов во судскиот процес против деветтеина полициски службеници за наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, по презентирањето на обемните доказни листи од страна на одбраната, посочи дека предложените сведоци немаат никаква допирна точка со суштината на обвинението.
– За Обвинителството, ваквите предлози апсолутно беа неприфатливи, првин немаат допирна точка со она што е предмет на обвинението ниту, пак, околностите што одбраната ги наведе како причина зошто тие се предложени како сведоци не беа прифатливи – изјави јавната обвинителка Спасенка Андонова во изјава за медиумите по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје.
На прашањето за тврдењата на одбраната дека со овие сведочења ќе се докаже оти Дејан Јованов не добивал плата неколку месеци, обвинителката појасни дека фокусот на обвинителниот акт е многу поширок.
– Фокусот на обвинението не е само добивањето плата на Дејан Јованов, туку цела низа дејства што биле преземени, односно недоволно преземени дејства од страна на полициските службеници, кои довеле до непречено функционирање на правниот субјект, односно во тој временски период остварување финансиски промет – изјави Андонова.
Судскиот процес против деветтемина полициски службеници обвинети за наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект „Пулс“ продолжува на 5 ноември.
На денешното рочиште Обвинителството поединечно се произнесе и по другите предлог-докази на одбраната: не се противеше на предлогот на Димче Аврамов за сослушување на Лидија Велковска, Благојче Спасов и Ѓорѓи Симоновски доколку нема писмен доказ за околностите за кои се повикани, како и на предлогот на Јане Трајчев за сослушување на Сашко Димитров и изведување на известувањето од Општина Кочани. Од друга страна, неприфатливи беа предлозите за економско-правно вештачење, сослушување на Александар Саздов, изведување технички наод од Александар Јакимов и распит на Зоран Данилов.
Во однос на предложените докази на дел од обвинетите, Обвинителство рече дека веќе биле предложени и изведени од Обвинителството.
Одбраната, од друга страна, реагира дека судот треба да ги отфрли сите наводи од Обвинителството истакнувајќи дека доказите се обезбедени и доставени селективно – само оние што се во насока на обвинението.
Судот информира дека бидејќи сè уште не е доставен одговор по барањата на одбраната од страна на внатрешната контрола и СВР Штип, ќе се направи напор тие да бидат обезбедени барем во електронска форма до следното рочиште со цел судот да може да одлучи по однос на предложените докази.
На минатото рочиште одбраната предложи изведување повеќе материјални докази и распит на сведоци со цел да се утврди дали Дејан Јованов стекнал противправна имотна корист и дали имал контакти со обвинетиот Боби Гидиоски.
Судењето против деветтемина полициски службеници се однесува на наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект „Пулс“. Обвинителството тврди дека обвинетите не ги извршиле целосно потребните проверки за исполнување на безбедносните и законските услови, со што му овозможиле на објектот да добие и да користи лиценца за работа. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањето, а претходно пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
октомври 28, 2026


