Connect with us

Вести

Лажетиќ: Потребно е поголемо вклучување на општините во превенцијата на детското престапништво, децата жртви да се идентификуваат навреме

Неопходно поголемо вклучување на општините во превенцијата, правилно и навремено идентификување на децата жртви и зајакнување на поддршката за семејствата – изјави денеска на прес-конференција претседателката на Државниот совет за превенција на детското престапништво и правда за децата, проф. д-р Гордана Лажетиќ, која го презентира годишниот извештај за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2025 година. 

Лажетиќ истакна дека во услови на зголемено врсничко и онлајн-насилство Советот настојува поголема видливост да им даде на своите активности и да ја подигне свеста за потребата од препознавање на ризиците и соодветно постапување со децата.

– Ова тело постои со години, меѓутоа во услови на зголемено врсничко насилство и онлајн-насилство решивме малку да го направиме повидливо сè она што Државниот совет го работа сè со цел да упатиме една порака дека мора многу повеќе да водиме сметка за она што значи правилно идентификување на децата жртви и поддршка на семејствата бидејќи сфаќаме дека имаме проблем во тој дел – рече Лажетиќ.

Таа информира дека извештајот, кој Собранието го усвоило вчера, а претходно бил разгледан од матичната собраниска комисија, ги опфаќа активностите на Советот во текот на 2025 година и е поделен на наративен и нумерички дел.

Нумеричкиот дел содржи податоци собрани од Министерството за внатрешни работи преку осумте сектори за внатрешни работи, центрите за социјална работа, судовите и јавните обвинителства, вклучително и Јавното обвинителство за гонење организиран криминалитет. Извештајот опфаќа 40 индикатори, а нивниот број е зголемен во согласност со измените на Законот за правда за децата од 2024 година.

Како еден од главните приоритети Лажетиќ го издвои активирањето и одржувањето на функционалноста на општинските совети за превенција на детското престапништво. Според неа, иако во некои од општините се формирани вакви тела, нивната активност со текот на времето замира поради што е потребен поголем ангажман на локалната самоуправа.

Таа нагласи дека локалните совети ја зајакнуваат мрежата за превенција на локално ниво, при што Државниот совет континуирано им дава поддршка и помага во координацијата, со цел формираните совети да станат функционални и ефективни.

Лажетиќ посочи дека Советот се залага одредбите за одговорноста на претседателите на општинските совети, кои сега се дел од Законот за правда за децата, да бидат пренесени во Законот за локалната самоуправа, каде што, според неа, соодветно припаѓаат. Општините мора да ги почитуваат постојните законски обврски сè до евентуалните законски измени.

Посебен акцент, како што истакна, се става и на примената на ресторативната правда, односно алтернативните мерки, мерките на одвраќање и медијацијата, кои, и покрај тоа што со години се предвидени со закон, сè уште не се доволно применети во практиката.

– Особено кога имаме деца во судир со законот, треба да ги третираме во некои случаи и како жртви на целиот систем бидејќи некој не го препознал ризикот, па детето дошло во судир со законот. Меѓутоа, уште поголем акцент ставаме на децата жртви – рече Лажетиќ.

Таа посочи дека со спроведените обуки за правилно идентификување на децата жртви, вклучително и со претставници на релевантните институции, годинава се добива пореална слика за нивниот број. Децата што сведочат на насилство, во согласност со законот, исто така се третираат како деца жртви.

Во тој контекст, Лажетиќ оцени дека е неопходно што побргу да се воведе Барнахус-моделот за мултисекторско постапување со децата жртви. Целта е професионалците да доаѓаат кај детето наместо тоа да биде носено во повеќе институции, со што би се избегнала секундарната виктимизација.

Таа укажа и на потребата од континуирани, интерсекторски обуки за сите професионалци вклучени во системот на правда за децата, меѓу кои социјалните работници, полициските службеници, адвокатите, јавните обвинители, судиите и вработените во воспитните и во воспитно-поправните установи. Според неа, важно е професионалците да ги познаваат не само сопствените надлежности туку и улогите на другите чинители во системот.

Како системски недостиг таа ја посочи и потребата од ажурирана листа на адвокати сензибилизирани за работа со деца, како и неизедначениот начин на евидентирање, доставување и споделување на податоците меѓу институциите.

Лажетиќ апелира до јавните обвинителства, судовите, центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи да обезбедуваат точни и релевантни податоци нагласувајќи дека е потребно подобрување на методологијата за нивно прибирање и презентирање.

Во однос на податоците за 2025 година, таа појасни дека е забележано нагло намалување на бројот на деца во ризик, што се поврзува со новите законски одредби и изменетите индикатори. Поради тоа, некои од податоците не може директно да се споредат со претходната година, а за другите индикатори е направена тригодишна споредба за следење на трендовите.

Одговарајќи на новинарско прашање дали треба да се намали законската возраст за кривична одговорност од 14 на 13 години, Лажетиќ оцени дека решението не е во намалување на возрасната граница, туку во навремено препознавање на проблемите и преземање мерки за помош и заштита.

– Решението не е само да ја намалиме возраста за кривична одговорност, туку што преземаме во првиот момент кога ќе забележиме проблем – истакна таа.

Според Лажетиќ, раното вклучување на семејството и преземањето мерки преку центрите за социјална работа овозможуваат поуспешно постапување, без детето да стигне до притвор или затвор. Во рамките на постапките за помош и заштита може да се предвиди и обесштетување во рана фаза, со што би се избегнала подолга судска постапка.

Осврнувајќи се на зголемувањето на евидентираниот број деца жртви, таа рече дека тоа, меѓу другото, е резултат на обуките за нивно правилно идентификување. Како што појасни, било утврдено дека и судовите со основна надлежност имаат деца жртви, но претходно сметале дека немаат обврска да ги доставуваат тие податоци.

– Голем напор вложивме во тоа децата жртви да бидат идентификувани бидејќи често детето жртва на булинг или врсничко насилство се трансформира во сторител кога ништо не е преземено навреме – рече Лажетиќ.

Таа нагласи дека следењето на трендовите е важно и во подготовката на новата национална стратегија за превенција на детско престапништво и правда за децата, која треба да биде изготвена в година. Во неа треба да бидат опфатени согледувањата и трендовите утврдени во извештајот.

Вкупно 1.201 дете во судир со законот биле евидентирани во 2025 година, односно биле повикани во полициска станица, што е намалување за 45 деца или четири проценти во споредба со 2024 година кога биле евидентирани 1.246 деца, се наведува во годишниот извештај на Државниот совет за превенција на детско престапништво и заштита на правата на децата.

Извештајот ги опфаќа состојбите со правата на децата и детското престапништво во земјата во текот на 2025 година, а анализата е направена врз основа на 40 индикатори и податоци доставени од 87 институции. Индикаторите се изменети и дополнети во согласност со Законот за правда за децата.

Во однос на децата во ризик, Советот наведува дека евидентираното намалување од 50 проценти во 2025 година е резултат на промената на опфатот на индикаторот. Наместо децата на возраст од шест до 18 години, во оваа категорија се евидентирани децата до 14 години, а воведен е и посебен индикатор за децата во ризик на возраст од 14 до 18 години. Бројот на девојчиња во ризик е намален за 55 проценти во споредба со 2024 година и за 47 проценти во однос на 2023 година, исто така поради изменетата методологија.

Најголем број деца жртви биле евидентирани во Министерството за внатрешни работи – 694, потоа во јавните обвинителства – 629, во судовите – 404 и во центрите за социјална работа – 334. Најголемото зголемување на бројот на евидентирани деца жртви од 118 проценти во однос на 2024 година е забележано во судовите.

Кај женските деца повикани во полициска станица, најголем број биле во својство на сведоци – 107, а најмал број биле повикани во својство на пријавени – 61, односно 21 процент, според податоците во извештајот.

Советот бележи зголемување на бројот на деца сторители на прекршоци за 54 проценти во споредба со 2024 година, но намалување за 31 процент во однос на 2023 година. Во однос на бројот на задржани деца, во 2025 година е забележано намалување за 50 проценти во споредба со 2024 година кога биле задржани 149 деца, но зголемување за 44 проценти во однос на 2023 година кога биле задржани 50 деца.

Во однос на заштитата на правата на децата при постапувањето во полиција, не е забележан напредок во користењето посебно опремени простории за разговор. Во земјата има вкупно три такви простории, а во 2025 година во нив биле спроведени разговори со 16 деца, односно со 1,2 процент од повиканите деца, исто како и во 2024 година.

Од друга страна, правото на бранител во полиција го оствариле 49 проценти од повиканите деца, што е подобрување во однос на 2024 година кога ова право го оствариле 32 проценти. Во центрите за социјална работа, правото на адвокат го оствариле 16 деца, што е значително помалку во споредба со 73 деца во 2024 година.

Ad
Ad