Хроника
За три дена 2.720 сообраќајни прекршоци, 67 лица лишени од слобода за безобѕирно управување со возило
Полициските службеници во текот на изминатите три дена, од 23 до 25 октомври, констатирале вкупно 2.720 сообраќајни прекршоци на патиштата низ државата. Од нив, 1.360 се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Како резултат на редовните сообраќајни контроли, 67 лица биле лишени од слобода за безобѕирно управување со возило. Како што информираат денеска од МВР, од нив, седум возеле под дејство на алкохол, 21 управувале возило без возачка дозвола, а осум не ја почитувале претходно изречената забрана за управување со возило.
Дополнително, три лица биле лишени од слобода поради возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, а едно лице поради пречекорување на брзината во населено место. Во истиот период, одземени биле 27 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, евидентирани се и 328 прекршоци за неправилно паркирање, како и 57 санкции за возење под дејство на алкохол.
Полицијата санкционирала и 33 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, како и 239 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 23 нерегистрирани возила и четири возила поради техничка неисправност. Санкции добиле и осум возачи поради непочитување на пропишаните услови за затемнување на стаклата на возилата (фолии).
Од МВР информираат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, при што упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.
октомври 26, 2026


