Connect with us

Регион

Хаѕидакис: Грчкиот туризам годинава се движи кон нов историски рекорд

Во 2026 година се движиме кон уште еден историски рекорд во туристичките посети и приходите, бидејќи до август, бројот на посетители се зголеми за 10 отсто, а приходите за 9,4 проценти во споредба со минатата година, посочи потпретседателот на грчката Влада Костис Хаѕидакис говорејќи на отворањето на Самитот за туризам во градот Ретимно на Крит (Rethymno Tourism Summit 2026), јави дописничката на МИА од Атина.

Хаѕидакис нагласи дека на меѓународно ниво, Грција е меѓу првите десет земји според туристичката посетеност, што, како што истакна, претставува голем национален успех.

Сепак, додаде дека не е доволно секоја година да се брои колку туристи ја посетиле земјата и колку пари потрошиле, туку дека треба и да се размислува за иднината, бидејќи „самиот успех создава нови барања во однос на инфраструктурата, животната средина, вработените и секојдневниот живот на жителите“.

– Оттука, дилемата не е „повеќе или помалку туризам“, туку како да имаме поквалитетен туризам. Со поголема вредност за економијата, но и со поголема корист за локалните заедници, посочи потпретседателот на грчката Влада.

Дополнително, објасни дека главните владини приоритети во однос на труизмот се: современа инфраструктура, јасни и едноставни правила за туристичкиот развој; проширување на туристичката сезона и туристичко образование и зајакнување на човечките ресурси.

Според податоците од Банката на Грција, од јануари до август годинава, земјата ја посетиле 28,5 милиони туристи, за 10 отсто повеќе од истиот период во 2025 година, а приходите од туризмот се зголемиле за 9,4 проценти и изнесуваат 18,2 милијарди евра.

Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 38 милиони туристи, за 5,6 отсто повеќе од 2024 година, а приходите за Грција од туризмот беа зголемени за 9,4 проценти и достигнаа 23,6 милијарди евра.

Ad
Ad