Вести
Дејан Јованов – Деко предложен за сведок на судењето против деветмината полицајци за „Пулс“
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против деветмината полициски службеници обвинети во предметот поврзан со дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што одбраната ги образложуваше предлог-доказите од доказните листи.
Одбраната предложи изведување на повеќе материјални докази, како и распит на повеќе сведоци, меѓу кои и Дејан Јованов – Деко. Според предлогот, сведокот треба да се изјасни за околностите дали се стекнал со противправна имотна корист и дали имал контакти и се познавал со обвинетиот Боби Гидиоски.
Бранителот на обвинетиот Боби Гидиоски, адвокатот Бранко Колев, во изјава за медиуми по судењето информираше дека предложиле материјални и вербални докази, меѓу кои 16 документи и осум сведоци.
– Како бранител на обвинетиот Боби Гидиоски имаме предложено многу докази, од кои материјални и вербални докази. Од материјалните предложивме околу 16 документи, додека од вербалните осум сведоци, меѓу кои е и Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“. Го предлагаме на околности затоа што застапникот на обвинението тврди дека обвинетите му дозволиле на Деко да стекне имотна корист која се изразува во плата која ја земал како вработен за шест месеци, па на таа околоност бараме да биде сослушан, дали тоа му е овозможено од обвинетите – изјави Колев.
Тој појасни дека дел од доставените документи се однесуваат на работењето на МВР, односно на СВР Штип, додека други се поврзани со проблемска информација за состојбите во дискотеката „Пулс“.
– Дел од документите се однесуваат на работењето на МВР, односно СВР Штип, додека останатиот дел се однесува на проблемска информација која што е прикриена од обвинетиот Боби Гидиовски како началник на СВР Штип, а која проблемска информација е доставена за проблемите во дискотеката „Пулс“ кои ОВР Кочани ги имале во Кочани, меѓутоа таа проблемска информација е прикриена од обвинетиот на кој јас сум бранител – рече Колев.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова, застапник на обвинението, најави дека на следното рочиште ќе се произнесе одделно по секој од предлозите на одбраната, а судот донесе решение главната расправа да продолжи утре во 12 часот.
Судењето против деветтемина полициски службеници се однесува на наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект „Пулс“. Обвинителството тврди дека обвинетите не ги извршиле целосно потребните проверки за исполнување на безбедносните и законските услови, со што му овозможиле на објектот да добие и да користи лиценца за работа. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и претходно пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни
октомври 26, 2026

