Свет
Спорот меѓу Сеул и Киев се продлабочува: Јужна Кореја повлече осум дипломати од Украина
Шефот на јужнокорејската дипломатија, Чо Хјун, денеска изјави дека земјата повлече осум дипломатски службеници од Украина, по спорот што се појави откако Киев го откри трансферот на двајца севернокорејски воени затвореници.
Чо Хјун изјави дека и покрај делумното повлекување, тој продолжува да комуницира со својот украински колега за да се реши проблемот, објави Јонхап.
Претходно овој месец, Јужна Кореја го отповика својот амбасадор во Украина, Парк Ки-чанг, и одлучи да повлече дел од персоналот на амбасадата, наведувајќи го недостатокот на чекори од страна на Киев за решавање на спорот, како и постојаната закана од руски воздушни напади.
„Досега се повлечени осум лица“, рече Чо Хјун, додавајќи дека повлекувањето е неизбежно со оглед на тоа што Украина не се справила соодветно со проблемот.
Јужна Кореја побара официјално објаснување, извинување и гаранции дека оваа ситуација нема да се повтори, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во септември, јавно го откри трансферот на двајца севернокорејски војници во Јужна Кореја.
Неговиот кабинет во тоа време негираше дека постоел договор за доверливост во врска со случајот, иако Сеул тврди дека двете страни од самиот почеток се согласиле трансферот да се чува во тајност, за да се заштитат војниците и нивните семејства кои останале во Северна Кореја.
октомври 27, 2026


