Сцена
Македонски шмек во плакарите на светските ѕвезди: Кејти Пери и Мартин Герикс добија јакни со потпис на Сатја Грабулоски
Канадската пејачка Кејти Пери и холандскиот ди-џеј Мартин Герикс се најновите имиња на „А-листата“ на славните кои добија јакни со потписот на Сатја Грабулоски. И двете јакни се изработени рачно, специјално за новите сопственици – од вегански материјали, а потоа се и рачно насликани.
– Јакната на Кејти е инспирирана од нејзината неверојатна кариера, а во четирите букви од нејзиното име (Katy), коишто доминираат на грбот, се насликани четири приказни инспирирани од четири нејзини песни. Онаа на Герикс, пак, е инспирирана од неговата страст за уметност, а низ неа е скриено името Марти (Marty), како што го викале кога бил дете, но и како што ќе се вика неговиот претстоен албум. За оваа јакна ни требаа околу 120 часа рачна работа, вели Грабулоски.

Јакните на светските уметници им беа предадени летово, на фестивалот „Сани хил“ (Sunny Hill), од страна на Дуа Липа и нејзиниот татко Дукаѓин (Дуги) Липа, кој е основач на фестивалот. Тие неколку години наназад соработуваат со студиото „СВитАДот (SWithADot)“ и Сатја Грабулоски, па секој од учесниците на фестивалот добива подарок со потписот на нашиот дизајнер.

– Освен Пери и Герикс, на листата ѕвезди кои летово си заминаа со уникатен „one-of-a-kind“ дизајн од „СВитАДот“, беа и Дејвид Гета, Лука Модриќ, Стив Аоки, Антоан Гризман, Едис Џеко, Луис Капалди, Бланко и многу други, додаде дизајнерот.
октомври 28, 2026


