Connect with us

Општини

Камчев: Инвестираме во улици, патишта и подобро водоснабдување за жителите на Валандово

Помина една година исполнета со работа, инвестиции, нови проекти и конкретни чекори кон подобар живот за граѓаните.   Една година во која фокусот беше насочен кон решавање на долгогодишни проблеми, унапредување на инфраструктурата, создавање подобри услови за образование, поголема социјална грижа, поддршка за младите, развој на спортот и зачувување на богатото културно наследство на Валандово, истакна Ѓоко Камчев, градоначалник на Општина Валандово, на прес-конференција што МИА ја пренесува интегрално.

Нашата цел од самиот почеток беше јасна: да работиме за сите граѓани, во секое населено место, без разлика дали живеат во градот или во најмалото населено место во општината. Затоа, оваа година не ја мериме само преку бројот на реализирани проекти, туку и преку решените проблеми, подобрените услови за живот и можностите што ги отвораме за иднината.

Од реконструирани улици и обновени јавни објекти, преку инвестиции во училиштата и водоснабдувањето, до поддршката за младите, повозрасните сограѓани, спортистите и културните работници – работиме на Валандово што се развива рамномерно, модерно и одговорно. Ова е отчет за сработеното. За започнатото. За обврската што ја имаме кон секој граѓанин.

Пред една година, Општина Валандово ја презедовме со сериозен финансиски товар и наследени долгови од над 60 милиони денари. ЈП Комунален сервис со долг од 45 милиони денари, додека долгот на Детската градинка „Калинка“ изнесуваше близу 5 милиони денари. И покрај тешката финансиска состојба, не застанавме и не дозволивме долговите да бидат пречка за развојот на општината. Напротив, посветено и одговорно работиме на подмирување на наследените обврски и финансиска стабилизација на општината, а истовремено ги реализираме планираните проекти и активности. 

И покрај предизвиците што ги наследивме, продолжуваме напред.  Со работа, посветеност и одговорност, чекор по чекор градиме општина каква што заслужуваат нашите граѓани. Решаваме долгогодишни проблеми. Градиме улици. Го менуваме лицето на Валандово и населените места. Инфраструктурата беше еден од главните приоритети во првата година од работењето на Општина Валандово. Фокусот го насочивме кон решавање на долгогодишните проблеми, реконструкција и асфалтирање на улици, подобрување на патната поврзаност и создавање поквалитетни услови за живот во сите населени места.

Зад нас е година во која инфраструктурните проекти не останаа само ветувања, туку се претворија во конкретни градежни активности. На повеќе локации се реконструираа оштетени сообраќајници, се уредија улици и се решаваа проблеми што со години го отежнуваа секојдневието на граѓаните. Еден од позначајните инфраструктурни зафати во градот беше комплетната реконструкција на дел од улицата „Маршал Тито“, една од важните градски сообраќајници. Со инвестиција од над 5 милиони денари се интервенираше на инфраструктурата што со години претставуваше проблем за граѓаните. 

Беа уредени подземните инсталации, паркинг-просторот и тротоарите, со дополнително хортикултурно уредување. Со овој проект се подобрија функционалноста, безбедноста и изгледот на улицата, а Валандово доби уште еден уреден и современ урбан простор. Во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта беа реализирани значајни активности за реконструкција и унапредување на патната инфраструктура, со вкупна вредност од околу 35 милиони денари, со кои се унапреди поврзаноста на Валандово со околните населени места и се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Беше реконструиран дел од регионалниот пат Р1105, на делницата Јосифово – Удово, како и делови од двата влеза и излеза на Валандово, во вкупна должина од околу 4 километри. Паралелно со овие активности, во градот беа санирани повеќе улици, како и дворот и паркингот на ТППЕ Валандово. Со годишната програма за изградба и одржување на улици, жителите на Дедели, Башибос, Кочули, источниот дел на Раброво, Балинци, Брајковци и  западниот дел на Валандово, добија ново изградени улици, а во Валандово и Јосифово беа санирани ударните дупки, со инвестиција од над 10 милиони денари, обезбедени од буџетот на општината.

Преку проектот за реконструкција и изградба на улици во населените места, на Министерството за транспорт, вреден 65,5 милиони денари, во Раброво е реконструирана и доизградена главната улица во должина од 590м и улицата со која што се доби уште еден влез во населеното место со два крака со должина од околу 600м. Продолжува реализацијата на овој значаен проект со кој ќе бидат асфалтирани и населените места Собри, Марвинци, Брајковци и Пирава, за кои Општината обезбеди проектна документација преку донации.

Во фаза на јавна набавка е проектот за целосно асфалтирање на улиците во населеното место Грчиште, асфалтирање на сите преостанати улички во Казандол, како и асфалтирање и санација на одделни делови во Пирава, Јосифово и Удово. Средствата во висина од 9 милиони денари за реализација на овој проект се обезбедени од Буџетот на Општина Валандово. Овој циклус претставува значајна инвестиција во рамномерниот развој на општината и во создавањето подобри услови за сите граѓани.

Со инвестиција од 4,2 милиони денари, обезбедени од Општинскиот буџет, изготвена е техничка документација за реконструкција со проширување и зголемување на безбедноста на локалниот пат Марвинци – Грчиште, реконструкција на локалниот пат кој го поврзува населеното место Дедели со регионалниот пат Валандово – Дојран, и техничка документација за изградба на паркинг од западната страна на ООУ во Валандово. Во завршна фаза е изработката на техничка документација за изградба со реконструкција на локалните патишта до селата Чалакли и Калково, реконструкција на дел од улицата Иво Лола Рибар и дел од улицата 6-ти Ноември со подземна инфраструктура и реконструкција на паркинг просторите долж улицата Првомајска пред трите станбени објекти од десната страна.

Просторот кај поранешниот детски парк, во близина на познатата „Стоковна“ во Валандово, доби нова функција преку проектот за негово обновување и уредување. Со реализираниот проект беа обезбедени 26 нови паркинг-места, уредени тротоари, детски забавен парк и зелени површини, како и поставување на  осветлување и урбана опрема. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 3,2 милиони денари, од кои 2,8 милиони денари се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а 400.000 денари од буџетот на Општина Валандово.

Во тек е реализацијата на третата фаза од водоснабдителниот систем и реконструкцијата на секундарната водоводна мрежа во источниот дел на Калково. Вкупната вредност на проектот изнесува 36.230.162 денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање. Станува збор за значаен инфраструктурен проект чија цел е унапредување на водоснабдителниот систем и подобрување на условите за живот на жителите.

Урбанистичкото планирање е важен предуслов за развој, нови инвестиции и создавање подобри услови за домување. Продолжува работата на урбанистичките планови за сите населени места од општината. За Јосифово е завршена постапката за измена и дополнување на урбанистичкиот план, со што се отвора можност за 34 локации за семејно домување. Урбанистичките планови 1.2 во западниот дел на Валандово и централното градско подрачје ќе бидат целосно завршени до крајот на годината, се работи на урбанистички планови и на останатите населени места, како и на новата индустриска зона во општината. 

Детската градинка во Брајковци беше реконструирана и повторно ги врати најмалите во неа.  Потпишан е договорот со изведувачот за изградба на нова детска градинка во Пирава, кој ќе започне со изградба на овој капитален објект до крајот на оваа година. Вредноста на проектот изнесува 23 милиони денари од кои општината учествува со 2.3 милиони. Проектот се реализира преку Министерството за социјална политика, демографија и млади. Општина Валандово од општинскиот буџет обезбеди 1.5 милиони денари за подобрување на условите за престој на дечињата во градинките низ општината.

Во тек е реконструкција и модернизација на фудбалските стадиони во Валандово  и Пирава. Со проектот е предвидено унапредување на спортската инфраструктура преку реконструкција на трибинскиот дел на градскиот стадион во Валандово, изградба на потпорен ѕид на источната страна од стадионот во Пирава, изградба на мал терен со вештачка трева на поранешното ракометно игралиште на стадионот во Валандово, како и реконструкција на трибините на агенциското игралиште во Валандово. Предвидено е и поставување на вкупно 2.300 столчиња на трите спортски игралишта.

За реализација на проектот, од буџетот на Општина Валандово се обезбедени 6,5 милиони денари, додека столчињата и вештачката трева се донација од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Општина Валандово работи на изработка на план и студија за сообраќајно решение за градот. Целта е да се подобрат организацијата на сообраќајот, паркирањето и движењето на сите учесници во сообраќајот. Во рамките на процесот се анализираат реалните потреби на градот, со посебен акцент на пофункционално користење на паркинг-просторот и зголемување на безбедноста на улиците.

Со проектот за енергетска ефикасност на општински објекти во соработка со Светска банка и Министерство за финансии, во износ од над 23 милиони денари, во завршна фаза е реконструкцијата на општинската зграда и домот на културата. Со модернизацијата на објектите се создаваат услови за намалување на потрошувачката на енергија, зголемување на енергетската ефикасност и поефикасно функционирање на општинската администрација, со долгорочни заштеди на средства.

Образованието е една од најважните инвестиции во иднината на Општина Валандово. Затоа, во изминатата година посебен акцент ставивме на подобрувањето на условите во училиштата, финансиска поддршка за учениците и нивните семејства, стипендирање на најуспешните ученици и создавање нови можности за младите. Со инвестиција од над 10 милиони денари, обезбедени од Владата преку унгарскиот кредит, извршена е целосна реконструкција на училиштето во Брајковци. Во текот на Ноември, учениците од ова училиште ќе добијат комплетно нови клупи и столчиња за следење на наставата.

За учебната 2026/2027, општина Валандово обезбеди еднократна финансиска поддршка од 4000 денари за секое прваче запишано во општинските основни училишта. Исто така обезбеден е и еднократен финансиски додаток од 12.000 денари за секој ученик запишан во прва година во СОУ Гоце Делчев во Валандово. Општина Валандово обезбеди и парични награди за успешните ученици кои освојуваат високи места на државни натпревари. Завршена е постапката за реализација на проектот за нов паркинг простор и пристап од западната страна на ООУ во Валандово.

Општина Валандово, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Црвениот Крст, реализира активности насочени кон подобрување на квалитетот на животот на повозрасните сограѓани и лицата на кои им е потребна дополнителна грижа и поддршка. Преку овие проекти се обезбедува помош во секојдневното живеење, поддршка во домашни услови и поголема достапност на социјалните услуги за оние на кои им се најпотребни. Со услугите со двата проекти кои што се во тек, во наредниот период очекуваме да бидат згрижени најмалку 100 наши возрасни сограѓани.

Општина Валандово обезбедува поддршка од 6.000 денари за секое новородено дете. Општина Валандово, во партнерство со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, работи на реализација на проектот „Подобрување на комуналните услуги во Југоисточниот плански регион преку набавка на комунално возило за Општина Валандово“. Вкупната вредност на проектот изнесува 4.950.000 денари.

Со проектот е предвидена набавка на специјализирано комунално возило за собирање и транспорт на отпад, а од општинскиот буџет во завршна фаза е набавката на 50 нови контејнери. Во Општина Валандово се поставени контејнери за селекција на текстилен и електронски отпад. Заедно со граѓаните беа реализирани повеќе еколошки акции на територијата на општината, насочени кон чистење и уредување на јавните површини, како и на изворот на Анска Река. Преку овие активности се работеше на отстранување на отпадот, расчистување на диви депонии, подобрување на изгледот и просторот и подигање на свеста за значењето на чистата животна средина.

Општина Валандово континуирано вложува во културата, уметноста и организацијата на културни настани, со цел зачувување на традицијата, негување на локалниот идентитет и збогатување на културниот живот на граѓаните. Валандово ги има двата најголеми фестивали, Фолк Фест Валандово и Хит Бах Шен Фест – Чалакли. Оваа година и покрај наследените финансиски обврски од претходното издание, успешно беше реализирано годинешното 39-то издание на Фолк Фест Валандово, а по 33-ти пат се одржа меѓународната манифестација Хит Бах Шен Фест – Чалакли, кој доби поддршка од Општина Валандово.

Покрај овие две значајни фестивалски манифестации, Општина Валандово поддржува различни културни и уметнички настани, традиционални празнувања, ликовни и театарски активности, како и иницијативи за промоција на локалните вредности. Посебно внимание се посветува на младите уметници и нивното творештво, со што се создаваат можности за развој на културната сцена и афирмација на општината надвор од границите на Валандово.

Општина Валандово континуирано вложува во спортот, обезбедувајќи финансиска поддршка за колективните и индивидуалните спортови, спортските клубови, младинските категории и талентираните спортисти. Успесите на валандовските спортисти се гордост за целата општина, а нивните резултати заслужуваат признание и поддршка. Освојувањето на шампионски титули на Македонија, првите места во лигите и учеството на меѓународните натпревари се потврда за нивниот квалитет, упорност и спортски дух. Општината ги вреднува овие достигнувања и континуирано ги наградува успешните спортисти, препознавајќи го нивниот придонес и мотивирајќи ги за нови успеси.

Спортот и културата во оваа 2026 година се поддржани со над 10 милиони денари од општинскиот буџет. Една година е доволна  да се започнат промени, да се решат дел од долгогодишните проблеми и да се постават темелите за посилна и поразвиена општина. Но, нашата работа не завршува тука. Пред нас се нови проекти, нови инвестиции и нови предизвици. Ќе продолжиме со подобрување на инфраструктурата, унапредување на образованието, поголема грижа за ранливите категории, развој на спортот и културата и создавање подобри услови за живот во сите населени места.

Свесни сме дека има уште многу работа. Свесни сме и дека граѓаните очекуваат резултати, а не празни ветувања. Затоа продолжуваме посветено, одговорно и со јасна цел – Валандово да биде општина во која младите ќе ја гледаат својата иднина, семејствата ќе имаат подобри услови за живот, а повозрасните сограѓани ќе се чувствуваат згрижени, почитувани и сигурни.

Зад секој проект стои работа. Зад секоја инвестиција стои одговорност. А зад секоја наша одлука мора да стои интересот на граѓаните. Валандово не го менуваме со зборови, туку со дела. Продолжуваме за Валандово, продолжуваме за секој граѓанин, продолжуваме за иднината што ја заслужуваме.

Ad
Ad