Вести
Мицкоски му честитал на Срдановиќ за изборната победа, очекува продлабочување на економската соработка со Србија
Премиерот Христијан Мицкоски очекува продолжување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Србија по изборниот резултат на „Студентската листа“, предводена од Илија Срдановиќ, кому, како што посочи денеска, веќе му ја честитал победата во телефонски разговор.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за изборните резултати во Србија по промоција на мобилната апликација „М.услуги“, рече дека веќе разговарал со Срдановиќ и му честитал за победата додавајќи дека очекува двете земји да продолжат да соработуваат како добри соседи.
– Очекувам нашите добрососедски односи да продолжат и понатаму. Очекувам како добри соседи да работиме на зголемување на нашата економија и во едната и во другата земја – изјави Мицкоски.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата во земјата, премиерот рече дека очекува во периодот што следува да продолжат нападите и навредите кон него, но дека нема да одговори со ист речник.
– Јас сум навикнат на навредите, на конструкциите и на лагите што ги слушам. За мене, оние што доаѓаат од партиската говорница на оваа опозициска партија, тие би сакале јас да се спуштам на тоа ниво и на ист начин да им одговорам, со истиот речник. Се разбира дека тоа нема да се случи – рече Мицкоски.
Тој додаде дека приоритет на Владата ќе останат реформите, проектите и политиките за иднината, а не, како што рече, личните напади од опозицијата.
– Ние ќе се бориме со реформи, со проекти, со политики што обезбедуваат иднина, а тие, бидејќи немаат што да понудат, ќе продолжат да ме навредуваат. Тоа е тоа, од мене им е простено, а другото останува на нив – изјави Мицкоски.
октомври 28, 2026


