Регион
Извештај на ЕК: Билатералните односи на Србија генерално се добри, но има тензии со дел од соседите
Односите на Србија со соседните земји во изминатата година генерално биле добри, иако односите со Хрватска биле обележани со повремени јавни непријателски изјави, добрите односи со Босна и Херцеговина биле под притисок поради случувањата поврзани со Ратко Младиќ, додека односите со Украина се подобруваат и покрај тоа што Србија не вовела санкции кон Русија, оцени Европската комисија.
Во извештајот објавен вчера во рамките на Пакетот за проширување на Европската Унија се наведува дека Србија останала посветена на одржувањето добри билатерални односи со другите земји кандидатки за членство и со соседните земји членки на ЕУ.
Оценувајќи ги односите со Хрватска, Комисијата наведува дека српските претставници продолжиле јавно да изразуваат силно противење на декларацијата за соработка во областа на безбедноста и одбраната, потпишана од Хрватска, Албанија и Косово, како и на потпишувањето билатерален договор за воена соработка меѓу Хрватска и Словенија. Се наведува и дека, по изјавата на тогашниот претседател на Србија, во која тој алудирал на мешање на друга земја во локалните избори во Србија во март годинава, хрватскиот претседател го откажал самитот во рамките на процесот Брдо-Бриони, планиран за мај.
Комисијата го посочува и јунскиот состанок на министрите за надворешни работи на Србија и Хрватска, одржан на маргините на одбележувањето на Денот на хрватската заедница во Србија. Исто така, се наведува дека Загреб, по воведувањето на новиот систем за влез во ЕУ (ЕЕС) во мај, го изменил Законот за странци и најавил издавање национални визи за да се олесни прекуграничното движење на професионалните возачи од трети земји, меѓу кои и од Србија.
Во врска со односите меѓу Србија и Босна и Херцеговина, Комисијата наведува дека случувањата поврзани со смртта на Ратко Младиќ ги нарушиле дотогаш добрите билатерални односи. Се посочува дека високи српски функционери присуствувале на неуставните прослави на Денот на Република Српска, како и дека Милорад Додик, поранешниот претседател на тој ентитет во БиХ, често бил приман на високо ниво во Белград. Тамошните власти јавно изјавуваат дека не ја признаваат кривичната пресуда против Додик донесена од Судот на БиХ, што доведува до меѓусебни обвинувања.
Се потсетува и на посетата на тогашниот претседател на Србија на Република Српска и на заедниците со мнозинско српско население во Федерацијата БиХ во август годинава. Комисијата истакнува дека Србија, како потписничка на Дејтонско-парискиот мировен договор, има обврска да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ.
Кога станува збор за односите со Црна Гора, Комисијата оценила дека тие во изминатата година биле генерално стабилни, и покрај меѓусебните обвинувања, особено во врска со одбележувањето на 20-годишнината од црногорската независност во мај, кога тогашниот претседател на Србија даде неколку изјави со кои се доведуваше во прашање легитимноста на независноста на Црна Гора. Србија, се наведува во извештајот, редовно им давала поддршка на српските политичари во Црна Гора, вклучително и за време на протестите во Ботуњ во декември минатата година.
Истовремено, продолжуваат расправите за статусот на Србите и српскиот јазик во Црна Гора, улогата на Српската православна црква и наводното мешање на Србија во внатрешните работи на Црна Гора, вклучително и во медиумската сфера. Во извештајот се наведува и случајот од јуни, кога претседателот на Србија присуствувал на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, а ден претходно црногорските власти од безбедносни причини одбиле да одобрат влез во земјата на група од 87 мажи од Србија. По ова, Србија вовела привремени ограничувања на граничните премини, кои набрзо биле укинати.
Односите со Албанија, според оценката на Комисијата, генерално останале добри. Во извештајот се посочува заедничкиот авторски текст на претседателот на Србија и албанскиот премиер од февруари, во кој тие повикале на побрза интеграција во ЕУ, како и договорот за отворање Генерален конзулат на Албанија во Бујановац и Генерален конзулат на Србија во Скадар. Истовремено, српските претставници продолжиле да изразуваат силно несогласување со декларацијата за безбедносна соработка меѓу Албанија, Хрватска и Косово, а изјавите на српскиот претседател од август за можна промена на текот на реката Ибар довеле до размена на остри зборови со албанскиот премиер.
Комисијата оценува дека односите на Србија со Украина продолжуваат да се подобруваат, иако Белград не се приклучил кон санкциите на ЕУ против Русија. Се додава дека Србија продолжила да ѝ обезбедува финансиска, енергетска и хуманитарна помош на Украина. Посочени се и повеќе средби меѓу украински и српски претставници, вклучително и на меѓународни форуми, како и потпишувањето меморандум за разбирање за соработка во областа на евроинтеграциите.
Односите на Србија со Северна Македонија, Турција и Грузија во извештајот се оценети како добри, додека односите со Романија, Бугарија и Унгарија се оценети како генерално добри.
Како генерално добри Комисијата ги оценила и билатералните односи на Србија и Молдавија, наведувајќи ги средбите меѓу претставниците на двете земји, но и случајот од октомври минатата година, кога Србија потврдила дека тројца Руси биле во камп во близина на Лозница. Таму претходно властите привеле две лица под сомнение дека обучувале од 150 до 170 молдавски и романски државјани за мешање во изборите во Молдавија и поттикнување немири.
ноември 5, 2026


