Connect with us

Вести

МОН и ЕБОР ќе соработуваат за развој на програми за обука, вештини и квалификации за зелени работни места

Министерството за образование и наука и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) потпишаа Меморандум за разбирање со цел да го поддржат развојот на квалификации и програми за обука за секторите за управување со отпад и циркуларна економија.

МОН информира дека партнерството ќе придонесе за подготовка на стандарди за занимања и квалификации, наставни планови, наставни програми и програми за обука, во согласност со Националната рамка на квалификации во Македонија. Соработката ќе ги зајакне капацитетите на образовните институции и давателите на обуки за спроведување програми што ќе им ги обезбедат на луѓето потребните вештини за современ, безбеден сектор за управување со отпад, усогласен со стандардите на Европската Унија.

-Воспоставувањето на оваа соработка е дел од програма финансирана од Европската Унија, поврзана, пак, со Регионалниот проект за цврст отпад, финансиран од ЕБОР. Проектот ја поддржува изградбата на санитарни депонии усогласени со европските стандарди, претоварни станици и набавка на нова опрема во регионите Пелагонија/Југозапад, Полошкиот и Вардарскиот/Југоисточниот Регион. Современиот систем за управување со отпад не зависи само од новата инфраструктура, туку и од квалификувана работна сила способна ефикасно да управува со системот, да го одржува и да го користи, соопшти МОН. 

Во таа насока, додава Министерството, иницијативата ќе поддржи креирање нови образовни патеки за учениците во средните училишта, наставниците, невработените лица, работниците што сакаат да стекнат нови вештини и возрасните со соодветно техничко искуство, вклучително и лицата што се соочуваат со пречки во пристапот до формалното образование и вработување.

-Со воспоставувањето на оваа соработка ќе дадеме значителен придонес кон развојот на систем за правилно управување со отпадот и де факто придонес кон намалување на загадувањето на средината.  Важна е инфраструктурата, но подеднакво важен е и кадарот. Ќе создадеме стручен кадар кој е потребен за постојните, но и за многу нови т.н. зелени работни места што во иднина ќе се отворат, рече министерката за образование и наука  Весна Јаневска по потпишувањето на меморандумот.

Фатих Туркменоглу, раководител на ЕБОР за Македонија, изјави дека современата инфраструктура за управување со отпад бара квалификувана и инклузивна работна сила за да се остварат целосните еколошки, економски и социјални придобивки.

-Ова партнерство ќе помогне Регионалниот проект за цврст отпад да се преточи во долгорочни можности за луѓето, почнувајќи од основни обуки за оператори за управување со отпад, па сè до квалификации за технички и раководни позиции. Инвестирањето во вештини е од суштинско значење за развој на циркуларна економија усогласена со стандардите на ЕУ и за обезбедување директни придобивки за заедниците од оваа значајна инвестиција, рече Туркменоглу.

Шефот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Стефано Елеро, истакна дека транзицијата кон модерен, одржлив систем за управување со отпадот, усогласен со стандардите на Европската Унија, подразбира многу повеќе од изградба на инфраструктура – таа значи создавање можности за луѓето и обезбедување услови сите да имаат придобивки од зелената транзиција.

-Преку ова партнерство инвестираме во вештините, знаењето и капацитетите потребни за развој на квалификувана работна сила, истовремено промовирајќи инклузивни и општествено одговорни можности за вработување. Со поврзување на образованието и обуките со потребите на секторот за управување со отпадот, кој е во развој, како и со интегрирање на принципите на општествена одговорност во процесите на јавни набавки, може да обезбедиме оваа инвестиција да донесе долгорочни еколошки, економски и социјални придобивки. Нашата амбиција е зелената транзиција да биде не само одржлива, туку и инклузивна, при што никој нема да биде изоставен, посочи Елеро. 

Министерството во соопштението наведува дека заедно со ЕБОР и со релевантни партнери од областа на образованието, обуките и секторот ќе формира заедничка работна група за развој на квалификации и програми за обука што ќе одговорат на оперативните, техничките и менаџерските потреби на новиот регионален систем за управување со отпад.

Ad
Ad