Филм
Филмот „Животни“ на Бен Афлек трета недела на прво место на „Нетфликс“, со над 65 милиони прегледи
Трилерот „Животни“, во режија на Бен Афлек трета недела по ред се наоѓа на прво место на глобалната листа на најгледани филмови на англиски јазик на платформата „Нетфликс“. Од премиерата на 9 октомври, филмот остварил вкупно 65,3 милиони прегледи.
Според податоците што „Нетфликс“ ги објави на својата платформа „Тудум“, од 19 до 25 октомври филмот забележал 10,7 милиони прегледи, со вкупно 19,3 милиони часови гледаност. Иако резултатот е значително помал во споредба со претходната недела, со остварени 30,8 милиони прегледи, трилерот и понатаму убедливо го задржува првото место.
Второто место му припадна на анимираниот филм „Жешки тркала: Ајде да се тркаме – Нападот на Т-Рексот“ („Hot Wheels Let’s Race: Attack of the T-Rex“), со остварени 5,9 милиони прегледи.
Освен како режисер, Афлек во филмот се појавува и во улога на политичар чиј син е киднапиран. Покрај него, во филмот се појавуваат и Кери Вашингтон, Стивен Јеун и Џилијан Андерсон.
октомври 31, 2026


