Култура
Шапоња и Јованоски добитници на „Столб на зборот“, Панкина и Милева на „Книжевни координати“
Ненад Шапоња и Никола Јованоски се добитници на наградата „Столб на зборот“ за целокупен книжевен опус, а Олга Панкина и Славица Милева се годинашните лауреати на признанието „Книжевни координати“, соопшти Организацискиот одбор на Меѓународната книжевна манифестација „Република на зборот“ за 2026 година.
Манифестацијата традиционално се одржува во Крушево, во организација на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.
Српскиот поет, есеист, патеписец и книжевен критичар Ненад Шапоња го добива признанието „Столб на зборот“ за својот долгогодишен творечки придонес во регионалната и европската литература. Шапоња е автор на повеќе поетски збирки и основач на издавачката куќа „Агора“.
Истото признание му припадна и на македонскиот автор Никола Јованоски, за неговиот заокружен творечки опус и долгогодишното присуство во македонскиот литературен простор.
Наградата „Книжевни координати“ во категоријата сонет ја доби Олга Панкина, поетеса, преведувач и афирматор на македонската култура во светот.
Во категоријата хаику, признанието ѝ припадна на Славица Милева за нејзиниот специфичен и минималистички поетски израз.
Со доделувањето на овие признанија, „Република на зборот“ продолжува да ги поврзува домашните и меѓународните книжевни творци и да го афирмира литературното творештво, како и различните поетски форми.
октомври 31, 2026


