Connect with us

Скопје

Мицкоски: Со новата фаза на канализацијата Јурумлери добива услови какви што треба да има едно населено место во 21 век

Со изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во Јурумлери, жителите на ова населено место ќе добијат соодветна канализациска инфраструктура и подобар квалитет на живот, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на реализацијата на проектот во Општина Гази Баба.

Мицкоски посочи дека станува збор за уште еден проект финансиран преку владината програма за поддршка на општините, со која средства од централниот буџет се пренасочуваат за реализација на локални инфраструктурни проекти.

-Важно е што со овој проект речиси ова населено место ќе добие канализација онака како што треба да има во 21 век. Навистина сум среќен што можеме да отпочнуваме ваков тип проекти кои додаваат квалитет во животот на луѓето и потоа заедно со граѓаните да ги пуштаме во употреба – истакна Мицкоски. 

Според него, суштината на една vлада и на една локална самоуправа е да испорачаат за граѓаните и во рамките на можностите, а некогаш и повеќе од тоа, да реализираат проекти што ќе го подобрат нивното секојдневие.

Премиерот информираше дека општините веќе подготвуваат нови проекти за следниот владин повик, кој се очекува во втората половина на следната година.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, појасни дека изградбата на фекалната канализација во Јурумлери претставува исполнување на едно долгогодишно барање на жителите.

– Ова беше долгогодишно барање на жителите, би рекол децениски проблем и ние со јасна цел за реализација на конкретни проекти ги решаваме проблемите на граѓаните. Проектот е со финансиска поддршка од Владата преку вториот јавен повик и е во вредност од 144 милиони денари – истакна Стефковски.

Тој информира дека проектот опфаќа изградба на нова фекална канализациска мрежа во должина од 4,5 километри, приклучоци за сите домаќинства и нов мониторинг систем за навремено детектирање на евентуални дефекти.

Ad
Ad