Фудбал
Дирк Кајт привремено на клупата на Фенербахче
Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Дирк Кајт, привремено ќе го предводи турскиот премиерлигаш Фенербахче по оставката на Исмаил Картал, објави денеска клубот од Истанбул.
Картал си замина во вторникот откако Фенербахче беше поразен со 1-2 од градскиот ривал Галатасарај.
„По оставката на Исмаил Картал, нашиот клуб го назначи Дирк Кајт за технички менаџер на првиот тим, сè додека не се назначи нов тренер“, соопшти Фенербахче.
Кајт одигра повеќе од 200 натпревари за Ливерпул пред да се пресели во Фенербахче во 2012 година, со кого ја освои титулата во турското првенство две години подоцна.
Поранешниот прославен холандски репрезентативец претходно ги предводеше белгискиот Бершот, како и холандските клубови АДО Ден Хаг и Дордрехт, а во јуни му се приклучи на Фенербахче како помошник тренер на Картал.



