Connect with us

Свет

Ослободен од притвор италијанскиот новинар осомничен за предводење на немирите на 17 октомври во Милано

Италијански истражен судија денеска нареди ослободување од притвор на Јусеф Сихер, 30-годишен италијански научник и хонорарен новинар со мароканско потекло, осомничен дека бил главниот организатор на немирите и грабежите што избувнаа во Милано на 17 октомври, објави италијанската новинска агенција АНСА.

Со оваа одлука судијата го одби барањето на обвинителството Сихер да остане во притвор поради опасност од бегство или повторување на кривичното дело. Обвинителите во понеделникот изјавија дека тој поседува технички знаења на такво ниво што му овозможуваат да „развие револуционерна стратегија“. Меѓутоа, неговите адвокати, Бенедето Чикароне и Јасмина Абу Шара, побараа ослободување истакнувајќи дека тој не направил ништо погрешно и дека „нема поттикнување насилство, нема тероризам, нема кривично дело“.

Сихер, кој беше приведен минатиот викенд, го искористи правото да молчи при првото појавување пред истражниот судија во миланскиот затвор „Сан Виторе“. Постои сомневање дека тој ги создал и управувал со каналите на социјалните мрежи на протестното „Движење 17 октомври“, кои одиграле клучна улога во немирите. Тој се товари за поттикнување на извршување кривично дело, при што намерата за извршување терористички чин е наведена како отежнувачка околност. За истите наводни кривични дела предмет на истрага е и неговата сопруга, која работи како културен медијатор.

Настаните од 17 октомври предизвикаа голем одзив во Италија и поттикнаа дебата за проблемите и незадоволството кај младите луѓе. Повеќето од учесниците во немирите биле малолетници. Групи млади луѓе со качулки и шалови се движеле низ продавници и супермаркети, кршеле излози, вршеле вандализам и грабежи, а се судрија и со полицијата фрлајќи камења, шишиња и сигнални ракети. Најмладиот идентификуван учесник имал само 11 години, соопшти полицијата.

Ad
Ad