Connect with us

Фудбал

АП Брера поразена од Хофенхајм во младинската Лига на шампиони

Пораз од 3-0 (3-0) претрпеа фудбалерите на АП Брера од германски Хофенхајм попладнево на стадионот „Младост“ во Струмица пред 400 гледачи, во првиот натпревар од второто квалификациско коло во младинската Лига на шампиони.

Германскиот тим дојде во водство во 10. минута кога Чижек искористи кардинална грешка во одбранбената линија на Брера и рутински го совлада голманот Трајков, а веќе во следниот напад Хофенхајм го удвои водството со голот на Крамер. Одбраната на Брера продолжи да делува конфузно што резултираше со трет гол во мрежата на Трајков кога Крета биеше прецизно во 18 минута.

Младинците на Брера во продолжението се ослободија од притисокот и сè почесто го загрозуваа противничкиот гол, а најизгледната шанса ја имаше капитенот Танчев, но двата негови последователни обиди во 36. минута ги одбрани голманот Бидерман.

Брера во второто полувреме беше рамноправен, а на периоди и поквалитетен противник, но до крајот не успеа да искористи неколку идеални шанси за намалување на негативата.

Обидот на Митрев во 68. минута беше блокиран на самата гол линија од гостинската одбрана, а сантиметри недостасуваа ударот на Ристов по еден контранапад во 82 минута да заврши во мрежата на Хофенхајм.

Реваншот е идната недела на теренот на Хофенхајм.

Ad
Ad