Connect with us

Регион

Белата кула во Солун доби ново осветлување

Со цел да се истакнат волуменот, геометријата и архитектонските карактеристики и архитектонската вредност на споменикот, без притоа да се наруши историски изглед, Белата кула во Солун, најпрепознатливиот симбол на градот, доби ново осветлување, јави дописничката на МИА од Атина.

Новото осветлување, синоќа беше презентирано од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, во присуство на претседателот на Грција Константинос Тасулас, министерката за култура Лина Мендони и градоначалникот на Солун Стелиос Ангелудис, а е донација од грчката енергетска компанија „Метлен“.

Мицотакис истакна дека од 2019 година кога Нова демократија дојде на власт, била поставена цел да се истакне богатото културно-историско наследство на Солун низ времето, преку значајни интервенции чија вредност само во Солун надминува 100 милиони евра, од национални и европски средства.

– Овој споменик, Белата кула, ќе стои уште долго откако ние ќе ги напуштиме нашите функции. Но, ќе стои гордо не само дење, туку веќе и ноќе, осветлена онака како што заслужува, испраќајќи ја светлината на оптимизмот и самодовербата во сите правци, посочи Мицотакис.

Министерката за култура на Грција Лина Мендони рече дека благодарение на донацијата од „Метлен“ во висина од 2,5 милиони евра, се реализира новото осветлување на византиските одбранбени ѕидини на Солун и на Белата кула, а донацијата ги покрива сите аспекти на интервенцијата: изработката на студиите, набавката на светлосните уреди, електричните инсталации и системот за управување со осветлувањето.

– Со новото осветлување, присуството на Белата кула на крајбрежјето доаѓа уште повеќе до израз и станува повидлива, нудејќи ново доживување на споменикот. Токму тоа е нашата цел: да ги доближиме спомениците до луѓето и природно да ги интегрираме во животот на современиот град, со почитување на нивниот карактер, но и со современа естетика, нагласи Мендони.

Со донацијата од енергетската компанија планирани се осветлувања и на други споменици во Солун, што се очекува да завршат во јануари 2027 година, додека пак на средината на месецов започна проектот за осветлување и истакнување на спомениците во близина на улицата Егнатија, што е финансиран преку програма на ЕУ.

Ad
Ad