Забава
Платиле за тригодишно крстарење – сега им е кажано да си заминат поради цените на горивото
Американскиот брод „Одисеја“ (Odyssey), којшто е обмислен како „станбен комплекс на вода“, го прекина своето патување околу светот и во мигов е закотвен во Камбоџа.
Поради високите трошоци за гориво, стотици патници мораат да го напуштат големото пловило коешто беше рекламирано како спој на долгорочен живот на море и патување околу светот. Бродот исплови пред две години на планирано тригодишно патување низ седум континенти, пишува „Индипендент“ (The Independent). Управата на пристаништето Сихануквил минатата недела објави дека бродот се закотвил на 23 октомври, со план да остане пет дена. Требало да исплови кон Виетнам, но денес сè уште се наоѓа во пристаништето. Компанијата „Вила Ви Резиденсис“ (Villa Vie Residences), со седиште во Флорида (САД), соопшти дека месечните трошоци за гориво по кабина се зголемиле од просечни 1.800 долари на сума што во одредени делови од Азија достигнува меѓу 6.000 и 8.000 долари. Како причина ја наведуваат војната во Иран. Од компанијата велат дека се обиделе да ја намалат потрошувачката преку намалување на брзината на пловидба и подолги престои во пристаништата, но тоа не е доволно за да се покрие ненадејниот скок на цените.
„Веќе не можевме да ги покриваме оперативните загуби што се натрупуваат“, се истакнува во соопштението. – „А, не е реално целиот трошок да се префрли врз станарите. Сега наш приоритет е да обезбедиме поддршка за станарите, екипажот и вработените“, додава компанијата, наведувајќи дека работат на спроведување на реструктурирањето.
Од патниците било побарано да го напуштат бродот, додека статусот на посадата засега останува непознат.
На бродот имало 203 патници од 15 земји – но, главно американски државјани, како и 156 членови на екипажот. Вкупниот капацитет на бродот изнесува 650 лица.
„Одисеја“ имаше утврден план на патување до ноември 2027 година. Компанијата планираше да воведе и втор „станбен брод“ за крстарење на почетокот на 2029, но во соопштението за прекинот на работата на „Одисеја“, тоа второ патување воопшто не се споменува.
октомври 29, 2026


