Свет
Хронолошки преглед на најголемите железнички несреќи во Шпанија од 2000 година досега
Најмалку 64 лица загинаа, а повеќе од 179 се повредени во судирот на двата воза утрово во Урда, во покраината Толедо, на линијата Мадрид – Севилја – покажуваат најновите податоци од Службата за цивилна заштита во Кастилја-Ла Манча. Во возовите патувале вкупно над 500 лица во моментот кога едниот воз удрил во задниот дел на другиот воз што стоел на истата линија, при што повеќе вагони излегле од шините.
Во продолжение следува хронолошки преглед на најтешките железнички инциденти што се случиле во Шпанија од почетокот на векот:
18 јануари 2024 – Вкупно 46 лица загинаа, а повеќе од 120 беа повредени откако воз со голема брзина излета од шините и се судри со воз од спротивен правец близу Адамус, во провинцијата Кордоба во областа Андалузија. Катастрофата сè уште се истражува, а прелиминарниот извештај на шпанската Граѓанска гарда од февруари како главна хипотеза за инцидентот ги посочува дефектите во железничкиот пат, шината или заварувањето меѓу два дела од шината. Истражувачите, сепак, продолжуваат да разгледуваат уште седум можни верзии за причините за трагедијата.
9 септември 2016 – Во Порињо, област Галисија, при железничка несреќа кога од шините излезе португалски воз загинаа четири лица, а 48 беа повредени. Возот патувал од Виго во Галисија кон Порто во Португалија со вкупно 65 лица – 63 патници и двочлен екипаж.
24 јули 2013 – Воз со голема брзина со осум вагони излезе од шините на остра кривина близу северозападниот град Сантијаго де Компостела, удри во бетонски ѕид и се запали. Загинаа 80 лица, а 145 беа повредени. Комисија при Министерството за транспорт заклучи дека катастрофата била предизвикана од пречекорена брзина и расеаност на машинистот поради телефонски повик од неговиот началник, но здружението на жртви го обвини инцидентот и на сметка на безбедносните системи на линијата.
21 август 2006 – На железничката станица во градот Виљада, во Северна Шпанија, излета од шините воз со 460 патници. Загинаа шест лица, а 40 беа повредени поради пречекорена брзина.
10 април 2006 – Во 03:00 часот рано изутрина се судрија два вагони со товар без патници на линијата Лусеро-Аргуелес во Мадрид, при што загинаа две лица.
21 мај 2004 – При судир на возови на станицата Линарехос, на околу 100 километри од Самора, во Северозападна Шпанија, беа повредени 20 лица. Двата воза превезуваа вкупно 505 патници, неколку вагони дераилираа, а двете локомотиви се запалија.
11 март 2004 – Десет бомби поставени во ранци експлодираа во четири приградски возови во Мадрид, убивајќи 193 лица и ранувајќи илјадници други за време на утринскиот шпиц. Нападите беа извршени од исламистички екстремисти кои се противеа на учеството на Шпанија во војната во Ирак.
4 јуни 2003 – Патнички воз се судри челно со товарен воз во Централна Шпанија, при што загинаа 11 лица, околу 40 беа повредени, а 16 патници се водеа како исчезнати. Во неколку вагони избувна пожар, а како причина се претпоставува погрешно даден сигнал од диспечер.
30 март 2002 – Два патнички возови се судрија на станицата Торедембара на железничката линија Барселона-Валенсија, меѓу експресот „Еуромед“ (Барселона-Аликанте) и локалниот воз (Тортоса-Барселона). Загинаа двајца, а 99 лица беа повредени.
7 септември 2000 – Во градот Каранса, во Северна Шпанија, при челен судир на два товарни возови загинаа најмалку четири лица.
октомври 29, 2026


