Регион
Демонстранти во Приштина повикаа на правда и институционална одговорност по убиството на 49-годишна жена од страна на нејзин роднина
Голем број луѓе денеска се собраа на протест на централниот плоштад „Захир Пајазити“ во Приштина, повикувајќи на правда и институционална одговорност по убиството на 49-годишна жена, извршено по неколкукратни пријави од нејзина страна до институциите за семејно насилство, пренесува КосоваПрес.
Арлинда Зекај беше убиена во неделата вечерта во својот дом во селото Витомирица, во близина на градот Пеќ, кусо откако се вратила од полициската станица, каде што пријавила семејно насилство. Три дена претходно, жената побарала од локален обвинител да интервенира за да ѝ го спаси животот, пишува веб-страницата „БалканИнсајт“.
Ден пред убиството, обвинителството во Косово поднесе обвинение против нејзиниот поранешен сопруг за упатување закани во рамките на семејни односи.
На 25 октомври, неколку часа пред да биде убиена, таа повторно пријавила семејно насилство, по што нејзиниот поранешен сопруг бил уапсен и задржан 48 часа. Истата вечер, Зекај се вратила во својот дом во селото Витомирица, придружувана од полиција.
Неколку часа подоцна, таа била убиена во својот дом. За злосторството е осомничен нејзиниот девер, кој бил уапсен доцна синоќа, информира КосоваПрес.
Арлинда Зекај е осмата жена убиена од свои роднини во Косово оваа година, и 67-та од 2010 година наваму, информира Радио Слободна Европа.
Членови на нејзиното семејство исто така се приклучија на денешниот протест. Демонстрантите скандираа: „Не сме сами“, „Слобода, еднаквост, солидарност“ и „Државата има крв на рацете“.
Меѓу транспарентите се гледаше и натписот: „Сакам сигурност, а не дукати!, Животот на жената нема цена“.
октомври 29, 2026


