Регион
Израелската амбасадорка во Белград бара темелна истрага по терористичкиот напад пред амбасадата
Амбасадорката на Израел во Србија, Авивит Бар-Илан, изјави дека израелската амбасада е длабоко вознемирена и шокирана од терористичкиот напад што се случи синоќа пред амбасадата во Белград, повикувајќи на темелна истрага за да се утврди кој стои зад нападот.
Вишото јавно обвинителство во Белград, по извршениот увид, соопшти дека малолетно лице, за кое постои сомневање дека е од Шабац, со два ножа го нападнало припадникот на Жандармеријата кој го обезбедувал објектот пред Амбасадата на Израел во Белград, извикувајќи „Алаху акбар“. Припадникот на Жандармеријата во самоодбрана го ликвидирал напаѓачот, а притоа бил полесно повреден.
„Го осудуваме овој терористички напад. Ова е закана за сите нас, како и директна закана за мирот и безбедноста. Ова е вторпат во последните две години да се случи терористички напад врз Амбасадата на Израел во Белград. Силно повикувам на спроведување темелна истрага за да се утврди кој стои зад овој ужасен чин, а одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата“, изјави амбасадорката.
Бар-Илан додаде дека по нападот разговарала со министерот за внатрешни работи во технички мандат, Ивица Дачиќ, кој ја уверил дека случајот ќе биде темелно истражен.
Амбасадорката изрази најдлабока благодарност и признание до припадниците на Жандармеријата на Србија, а посебно до ранетиот припадник чиј храбар чин и решителна реакција спречиле уште поголемо крвопролевање и посериозни последици. Таа му посака целосно закрепнување, потврдувајќи дека сите вработени во амбасадата се безбедни и се заблагодари за пораките на поддршка и солидарност.
октомври 29, 2026

