Connect with us

Свет

Рјабков: Москва е во подготвителна фаза за преговори за Украина, рано е за средба во Абу Даби

Русија сè уште е во подготвителна фаза за преговорите за Украина, а разговорите за можна средба во Абу Даби се преуранети – изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.

Говорејќи на маргините на третиот форум Русија-Африка во Москва, Рјабков додаде дека Москва се надева оти интензивниот дијалог со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе помогне да се отвори патот кон трајно решение што ќе ги опфати основните причини за конфликтот, вклучително и безбедносните прашања, како и правата на рускојазичното население и на Руската православна црква.

Според него, Москва не очекува претстојните избори за американскиот Конгрес суштински да го променат пристапот на Вашингтон кон Русија, бидејќи во САД е зацврстен консензусот против Русија кој ги надминува партиските поделби, иако, како што рече, има и Американци кои се залагаат за мир и ја гледаат Русија како потенцијално значаен партнер.

Осврнувајќи се на соработката со африканските земји, Рјабков изјави дека западните санкции нема да ја одвратат Москва од проширување на односите со Африка, членките на БРИКС и партнерите низ Евроазија. Тој ја повика Франција да се посвети на сопствените внатрешни предизвици наместо да ги критикува руско-африканските врски, додавајќи дека Западот тешко ја прифаќа независноста на поранешните колонии при изборот на партнери.

Рјабков исто така предупреди и на ширењето оружје и милитантните активности од Украина кон африканските земји. 

Ad
Ad