Свет
Британија, Холандија, Финска и Полска почнуваат преговори за заеднички набавки на воена опрема преку МДМ
Велика Британија, Холандија, Финска и Полска ќе започнат преговори за склучување договор во рамките на иницијативата за заедничко набавување одбранбена опрема, која се очекува да стане оперативна во 2027 година, се наведува во заедничкото соопштение објавено денеска.
Четирите европски земји ги интензивираа напорите за започнување преговори во рамките на партнерството наречено Мултилатерален одбранбен механизам (МДМ), чија цел е забрзување на инвестициите во одбраната и заедничкото набавување воена опрема.
„Партнерите во МДМ ќе започнат преговори за договор, почитувајќи ги националните процедури на секоја земја членка, со цел механизмот да започне со работа во 2027 година. Со оглед на брзото менување на меѓународното безбедносно опкружување и последиците од руската агресија врз Украина, ќе дејствуваме заеднички за да бидеме подготвени да одговориме на идните закани“, се наведува во заедничката изјава.
Според британската влада, МДМ претставува иновативен начин за финансирање на одбранбените расходи што ќе ги намали трошоците, ќе ѝ обезбеди на индустријата поголема сигурност, ќе овозможи поголема куповна моќ и ќе ги подобри заедничките капацитетни потреби на НАТО.
Четирите земји учеснички истовремено ја потврдија својата цврста посветеност на поддршката за Украина во одбраната на нејзиниот суверенитет и спротивставувањето на руската агресија.
октомври 29, 2026


