Connect with us

Култура

Скопскиот филмски фестивал се враќа: Од 4 до 9 ноември врвни европски филмови и гости во Скопје

Скопскиот филмски фестивал годинава се враќа со своето 26. издание, кое ќе се одржи од 4 до 9 ноември на повеќе локации во главниот град. Отворањето ќе се одржи во Македонскиот народен театар (МНТ), а филмските проекции во Кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Фестивалот ќе го отвори филмот „Идиоти“ во МНТ со почеток во 20:30 часот на режисерското дуо Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, кои ќе ја добијат специјалната награда „Златна скополија“ за особен придонес во светскиот филм. Фестивалот ќе го затвори „Електричен бакнеж“, како и краткометражни остварувања и селекција на Европската филмска академија.

Во главната конкурентска програма под насловот „Дијалози“ се осум филмови – „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“, „Спирала“, „Изабел“, „Нема рај ако ти убие жена“, „Отфрлен“, „Чувство на дом“, „Мизерна мајка“ и „Тивки ноќи“. Во рамите на програмата ќе бидат прикажани и филмовите „Фјорд“ и „17“ и „Електричен бакнеж“, кои се надвор од конкуренцијата. Во програма насловена „А1 Кинотека“ со почеток од 13 часот ќе бидат прикажани филмови од богатата српска кинематографија.

Членот на меѓународниот борд на фестивалот Благоја Куновски-Доре нагласи дека во шесте фестивалски денови публиката ќе има можност да види 12 внимателно избрани филмови, меѓу кои и актуелни фестивалски хитови. 

-Значи една програма која самите ќе се убедите и уверите по гледањето, но со оваа најава ја правиме таа една компензација за да може публиката да не биде преоптоварена со многу наслови, туку да бидат фокусирани навистина на еден извор од светската најмала продукција и она што се трајни вредности на светскиот филм – рече Куновски.

Директорот на фестивалот, Томи Салковски истакна дека целта е Скопје да добие филмски фестивал каков што заслужува секој европски главен град.

-Огромно задоволство е да го најавам рестартирањето на Скопскиот филмски фестивал. Пред една година се собравме група филмски продуценти и автори и се договоривме да направиме нешто повеќе за градот Скопје и да создадеме филмски фестивал каков што доликува за секој главен град – со црвен килим, квалитетна програма, дебати, дружење и простор за нови соработки – рече Салковски.

Тој нагласи дека фестивалот ќе донесе бројни странски гости и дека речиси секој филм ќе биде проследен со присуство на режисери, продуценти или актери.

-Правиме супериорна селекција од она што моментално го нуди светот на филмот. Публиката ќе има можност непосредно да се сретне со авторите и да слушне повеќе за нивните филмови – посочи Салковски.

Според Салковски, фестивалот веќе предизвика значителен интерес и кај младите.

-Одѕивот е доста голем. Се јавуваат многу млади волонтери, средношколци и студенти од повеќе факултети кои сакаат да бидат дел од фестивалот и да учат за филмската индустрија. Тоа ме радува бидејќи можеби токму тие ќе бидат генерациите што ќе го продолжат и развиваат фестивалот во иднина – рече тој.

Главен партнер на фестивалот е А1 Македонија. Генералниот извршен директор на компанијата, Методија Мирчев истакна дека поддршката на културата е дел од корпоративната визија на компанијата.

-Технологијата е во сржта на нашиот бизнис, но многу поважни се луѓето. Емоциите, љубовта, смеата, радоста, но и предизвиците со кои се соочуваме, се она што нè прави луѓе – токму тука ја гледаме допирната точка со Скопскиот филмски фестивал. Ми претставува огромно задоволство што можеме да помогнеме во реактивирањето на најважниот културен настан во градот Скопје – рече Мирчев.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат и мастер-класи, разговори со автори и дополнителни фестивалски содржини.

Ad
Ad