Општини
Отчет на градоначалникот Јанчев: Продолжува развојот на градот со силно темпо, преку реализација на капитални проекти, Кавадарци добива и биопазар
Кавадарци добива биопазар, современ и сертифициран простор за локалните земјоделци, органските производители и малите семејни бизниси. Инвестицијата изнесува 32 милиони денари. Ова е само еден од значајните проекти што се реализираат во кавадаречката општина, а на кои денеска се осврна градоначалникот Митко Јанчев, давајќи отчет за едногодишното работење.
Тој истакна дека за една година работа направени се големи чекори за Кавадарци.
– Во изминатата година, Кавадарци продолжи да се развива со силно темпо, преку реализација на капитални проекти, што создаваат подобри услови за живот, современа инфраструктура и нови можности за сите граѓани. Од спорт и рекреација, преку комунална и патна инфраструктура, до енергетска ефикасност, водоснабдување, образование, социјална заштита и уредување на јавните простори – инвестираме во Кавадарци, денес, но, со јасна визија за градот на иднината – нагласи Јанчев.
Притоа, тој потсети дека градскиот базен доби целосно нов лик со инвестиција од околу еден милион евра.
– Затворениот базен, со димензии 25 × 9 метри и инвестиција од 1,2 милиони евра, ќе обезбеди услови за спорт и пливање за учениците од основните и средните училишта, но и рекреативно користење од страна на сите граѓани. Во рамки на спортскиот комплекс се реализира и нов СПА-центар на површина од 240 м², со сауна, парна бања, џакузи, топли лежалки, тушеви, соблекувални и простории за масажа. Инвестицијата е 500.000 евра – сподели градоначалникот.
Кавадарци, рече, добива и нов картинг-центар, со современа патека и придружни објекти со инвестиција од 36 милиони денари.
– Во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“, се гради нов повеќенаменски објект од 1.000 м², со куглана, сала за гимнастика и седум апартмани за сместување на спортисти. Вредноста на инвестицијата е 118 милиони денари. Во село Марена привршува изградбата на нова спортска сала, инвестиција на Општина Кавадарци од 22 милиони денари – истакна тој.
Јанчев рече дека интензивно се инвестира во комуналната, патната и урбаната инфраструктура, во улици, на патниот правец Марена – Сопот се реализира изградба на нов мост со инвестиција од 12 милиони денари, изградба на нов кеј на реката Луда Мара до Општата болница, со финансиска конструкција од еден милион евра, што ќе го надополни постојниот кеј до село Ваташа. Една од најважните инвестиции, рече, е онаа во водоснабдувањето и комуналната инфраструктура.
Тој додаде дека во тек е реализацијата на првата фаза од гасификацијата на Кавадарци, со изградба на мерно-регулациона станица и дел од примарната гасоводна мрежа, инвестицијата вредна 36 милиони денари.
– Кавадарци создава услови за достоинствен живот за сите. Подготвен е проектот за Дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост, со капацитет од 40 корисници и проценета вредност од 41 милион денари. Завршена е тендерската постапка за изградба на дом за стари лица со капацитет од 55 легла, со современи услови за достоинствен престој. Инвестицијата од 160 милиони денари е обезбедена од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во подготовка е и нов младински центар, простор за учење, едукација, креативност, старт-ап поддршка, спорт, култура и дружење. Финансиската конструкција изнесува еден милион евра. На 12 јавни установи се поставени фотоволтаични системи со вкупна инсталирана моќност од 355 kW, со што се намалуваат трошоците за електрична енергија и се создаваат долгорочни заштеди – истакна тој.
Јанчев нагласи дека доделен е грант од 50.000 долари за изработка на техничка документација за проектот „Изградба на велосипедска патека до Тиквешкото Езеро“.
– Ова е инвестиција во рекреацијата, туризмот, здравиот начин на живот и одржливиот развој – поврзување на градот со природата и создавање нови можности за граѓаните и посетителите. Во изминатата година не инвестиравме само во бетон, асфалт и објекти. Инвестиравме во луѓето, децата, младите, спортот. Во нашите највозрасни сограѓани, селата, животната средина. Инвестиравме во иднината на Кавадарци. Секој нов проект е дел од една поголема визија – Кавадарци да биде современ, функционален, зелен, спортски и економски развиен град, со еднакви можности за сите. Една година работа не е крај на еден циклус. Таа е почеток на уште поголеми цели. Продолжуваме да градиме. Продолжуваме да инвестираме. Продолжуваме да го развиваме Кавадарци. За Кавадарци, какво што го заслужуваат неговите граѓани – рече Јанчев.
Тој нагласи дека подеднакво се води сметка за развојот на урбаните и руралните средини во општината.
октомври 30, 2026


