Connect with us

Хроника

Акциска контрола на товарни возила – констатирана 101 неправилност, 25 возила исклучени од сообраќај

Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на товарни возила на територијата на целата држава, при што биле откриени бројни неправилности, а 25 возила биле исклучени од сообраќај.

Контролата била реализирана на 28 октомври, во периодот од 09:00 до 14:00 часот, од страна на Секторот за сообраќајни работи при МВР.

Во акцијата биле контролирани вкупно 781 возило, од кои 92 биле упатени на технички преглед. Притоа биле констатирани 101 неправилност, поради кои 25 товарни возила биле исклучени од сообраќај.

Контролата, како што информираат од МВР, била насочена кон откривање неправилности поврзани со претовар, неправилно сместен и необезбеден товар, техничка неисправност на возилата, недозволен превоз на лица, како и возила кои при вклучување во сообраќај од земјени патишта, градилишта и слични површини нанесуваат кал на коловозот.

Во рамки на акцијата биле евидентирани и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Дополнително, биле констатирани 219 други прекршоци, за кои се преземени соодветни законски мерки.

Од МВР најавуваат продолжување на акциските сообраќајни контроли и апелираат до возачите и превозниците да ја почитуваат законската регулатива, да ја одржуваат техничката исправност на возилата и да обезбедат правилно сместување и прицврстување на товарот.

Ad
Ad