Фудбал
Африканскиот Куп на нации повторно на секои две години
Извршниот комитет на Африканската фудбалска конфедерацијата (ЦАФ) денеска едногласно одлучи Африканскиот куп на нации (АФКОН) повторно да се одржува на секои две години.
Претседателот на ЦАФ, Патрис Мотсепе, претходно овој месец објави дека организацијата „ќе ја преиспита одлуката донесена минатата година за одржување на АФКОН во четиригодишен циклус“, се вели во соопштението.
„Бевме загрижени за бројот на години што ќе бидат потребни за предложеното ново панафриканско натпреварување, „Лигата на нации“, дизајнирано како пандан на постојната АФКОН и предвидено да се одржува на секои две години, да почне да генерира значајни финансиски придонеси и придобивки потребни за развој на африканскиот фудбал, со цел натпреварите на ЦАФ да бидат глобално конкурентни и финансиски одржливи“, образложи Мотсепе.
Следниот Куп на африканските нации ќе се одржи во 2027 година, а домаќини ќе бидат Кенија, Танзанија и Уганда, по што следните изданија се закажани за 2028, 2031 и 2033 година. Тригодишната пауза помеѓу 2028 и 2031 година беше воведена за да се избегне одржување на Африканскиот куп на нации во истата година како и Светското првенство (2030), истакна Мотсепе.
Победникот на Африканскиот куп на нации во 2025 година сè уште не е познат. Сенегал во Рабат на 18 јануари го победи во финалето домаќинот Мароко со 1-0 во хаотичен дуел во кој многу сенегалски играчи го напуштија теренот во знак на протест против судиските одлуки. Апелациониот орган на ЦАФ потоа му ја додели победата на Мароко, но Сенегалската фудбалска федерација поднесе жалба до Судот за спортска арбитража со седиште во Лозана, чија одлука се очекува „до крајот на ноември“.



