Connect with us

Живот

Огнен крај за сателитскиoт телескоп „Свифт“ на НАСА, стар 22 години+

Сателитскиот телескоп „Свифт“ на НАСА (Swift), којшто 22 години ги проучуваше најмоќните познати енергетски експлозии во вселената, во средата излезе од орбитата – како што и се очекуваше, и изгоре во атмосферата на Земјата над Индонезија, соопшти американската Национална воздухопловно-вселенска администрација.

Огнениот крај на опсерваторијата „Нил Герелс Свифт“, тешка приближно 1.452 килограми, се случи помалку од три месеци откако пропадна мисијата за сочувување – со цел да се подигне сателитот во повисока орбита за да му се продолжи работниот век. Вселенските сили на САД потврдија дека сателитот „Свифт“ навлегол во атмосферата во 7:39 часот наутро според источното стандардно време. Според НАСА, сателитот навлегол во горните слоеви на атмосферата со голема брзина – 22 пати поголема од брзината на звукот, над индонезиската покраина Северна Суматра, на околу 322 км северно од екваторот.

Како што и се очекувало, топлината создадена од триењето при влегувањето во атмосферата, го уништи поголемиот дел од сателитот високо над површината на Земјата, објави НАСА.

Иако некои компоненти можеби го преживеале спуштањето, американската вселенска агенција истакна дека не се забележани штети на земјата предизвикани од остатоците на сателитот, ниту пак, има повредени. Вселенските сили претходно го проценија ризикот за населените места како многу низок, наведувајќи дека веројатноста некој човек на Земјата да биде повреден изнесува 1 : 2.100. Дин Слејден, инженер за воздушна и вселенска техника во британската компанија за индустриски делови „Аку компонентс“ (Accu Components), пред сателитот да навлезе во атмосферата изјави:

– Се очекува само неколку мали, изгорени фрагменти да паднат на земјата; ништо што би можело да се препознае како телескоп. Сателити со оваа големина редовно повторно влегуваат во атмосферата, а во речиси 70-те години историја на вселенски летови, никогаш никој не настрадал од остатоци што паднале на Земјата.

Ризикот од несреќа при повторното влегување во атмосферата се зголемува на долг рок, „поради што станува сè поважно сателитите да се дизајнираат така што ќе можат безбедно да се вратат на Земјата“, додаде тој. Сателитот „Свифт“ на НАСА, чијашто изградба чинела 500 милиони долари, првично бил дизајниран за проучување на изливи на гама-зраци – најмоќните енергетски експлозии во вселената, со користење на систем од три телескопи што работат на различни бранови должини. Од неговото лансирање во 2004 година, „Свифт“ проучувал стотици експлозии на супернови, црни дупки што раскинуваат ѕвезди, зрачни блесоци кај ѕвездите, како и астероиди и комети, придонесувајќи за објавувањето на околу 7.000 научни трудови.

Вселенската набљудувачница престана да функционира на 20 октомври оваа година. Таа, инаку, немаше сопствен погонски систем, значително го надмина својот предвиден животен век од две години, а со месеци се движеше кон орбитална нестабилност.

Во јули, НАСА и американската компанија „Каталист“ (Katalyst) од Аризона лансираа специјално изградено летало за сочувување наречено „ЛИНК“, што требаше да му се приближи на „Свифт“, да се спои со него и да го одвлече во повисока, постабилна орбита. Сепак, самото летало „ЛИНК“ почна неконтролирано да ротира набргу по влетувањето во вселената, па кон средината на август раководителите на мисијата се откажаа од потфатот, прифаќајќи ја неизбежноста дека „Свифт“ ќе падне назад на Земјата. 

Ad
Ad