Connect with us

Култура

Изложбата „Народното богатство во просторот и уметноста“ пред публиката во Кочани

Во фоајето на спратот во ЦК „Бели мугри“ во Кочани од синоќа е отворена изложбата на уметницата Марија Рашковиќ насловена „Народното богатство во просторот и уметноста“, што, всушност, претставува приказна која говори за наследството што продолжува да живее, да се преобразува и да инспирира нови уметнички форми.

Во изложената ликовна  композиција на Рашковиќ централно  место зазема сликата со двете раце поврзани со црвен традиционален орнамент, како симбол на заедништвото, создавањето и пренесувањето на културното наследство. Посебен сегмент во поставката претставува и  просторната инсталација со два отворени прозорци, зад кои светлината на авторските ламби создава атмосфера на топлина и интимност.

Изложбата „Народното богатство во просторот и уметноста“, според авторката Марија Рашковиќ, е нејзина современа интерпретација на традиционалните вредности преку сликарство, дизајн, светлина и просторна инсталација.

Во името на ЦК“ Бели мугри“ на настанот синоќа зборуваше Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни дејности. Изложбата ја отвори директорката на Националната установа од Кочани, Габриела Стефановска.

Уметничката поставка на Марија Рашковиќ, „Народното богатство во просторот и уметноста“, во фоајето на спратот во „Бели мугри“, ќе може да се погледне  во наредните две недели. 

Ad
Ad