Connect with us

Култура

Осмо издание на Интернационалниот танцов натпревар „Стејџ“ в сабота во Националната опера и балет

Во Националната опера и балет в сабота ќе се одржи 8. Интернационален танцов натпревар „Стејџ“ (Stage 2026), на кој ќе има 1200 учесници и 37 танцови клубови и балетски студија од 14 земји во Европа.  Тие ќе се претстават со повеќе од 320 танцови настапи на двете сцени во НОБ. 

-Две сцени, еден престижен театар и илјадници моменти исполнети со уметност, емоции, талент и танц. Скопје повторно ќе стане место на средба на млади танчари, танцови студија, кореографи и професионалци од меѓународната танцова сцена. „Стејџ“ и годинава ќе понуди богата танцова програма, обединувајќи различни танцови дисциплини, стилови и генерации: класичен и современ балет, џез, модерн и шоу танц, урбани и други танци.  Посебен акцент е ставен на групните кореографии, формациите и продукциите, со цел да се даде поголем простор на сценското творештво, тимската работа и уметничкиот израз, соопшти  „Арт балет“,  организатор на  натпреварот, кој е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Натпреварувачкиот дел на „Стејџ 2026“ ќе се одржува во текот на целиот ден на 7 ноември, од 9 до 19:30 часот, истовремено на двете сцени во Националната опера и балет.

-Кулминацијата на настанот ќе биде свечената Stage Gala, која ќе почне во 20 часот. Влезот за публиката на Галата е бесплатен. Присутните ќе имаат можност да ги проследат најдобрите настапи и доделувањето на престижните признанија и специјални награди, избрани од меѓународното стручно жири, се наведува во најавата за настанот.

Тамара Ѓурчиновска, основач и директор на STAGE International Dance Competition, изјави дека со секое ново издание натпреварот „Стејџ“  ја потврдува својата мисија „да ги обединува младите генерации преку уметноста, да ги поврзува различните култури и да ја промовира Македонија како земја на култура, талент и инспирација“.

-Особено сме горди што годинава во Скопје ќе донесеме над 1200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа, – вели Ѓурчиновска.

Ad
Ad