Connect with us

Забава

Индиец, по тригодишно собирање монети купил скутер вреден 123.000 рупии

Маж од Индија стана хит на интернет откако во продажен салон купил скутер плаќајќи со илјадници монети што ги собирал цели три години.

Педесет и едногодишниот пастор Б. Рави Џозеф од индиската сојузна држава Телангана решил да ја чува секоја монета од 10 рупии што ја добивал како кусур при секојдневните купувања. Неговата упорност на крајот му овозможила да купи скутер „Хонда Актив“, за кој платил 123.000 рупии (околу 1.160 евра).

На вработените во продажниот салон „Џагдамба Хонда Моторс“ во Луксетипет им биле потребни речиси два часа за да ги пребројат парите пред да му го предадат скутерот.

Џозеф, кој живее во Луксетипет, во областа Манчеријал, продолжил со штедењето и покрај противењето од членовите на семејството кои се обидувале да го разубедат водени од гласините дека монетите од 10 рупии можеби наскоро ќе ја загубат својата вредност.

– Семејството ме молеше да престанам, но јас не се откажував. Продолжив да собирам монети, една по една. Така, секојдневниот ситен кусур се претвори во 123.000 рупии“, изјавил Џозеф за новинарите, раскажувајќи им дека парите ги собирал постепено, откако ќе ги плател вообичаените трошоци, без да двои големи суми одеднаш.

Трудот му се исплатил така што по три години собрал 123.000 рупии, доволни за купување на скутерот.

Џозеф открил дека првично имал желба да купи мотоцикл „Ројал Енфилд Булет“, но финансиските можности не му го дозволиле тоа.

– Им дадов многу работа на вработените во продажниот салон, оставајќи ги илјадниците монети пред нив. Но, благодарение на мојата упорност си го остварив најголемиот сон, признал Џозеф. 

Ad
Ad